Ким Џонг Ун: Целта е Северна Кореја да биде апсолутно најмоќната нуклеарна сила во светот

Крајната цел на Северна Кореја е да ја поседува најмоќната нуклеарна сила во светот, изјави севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун синоќа додека промовираше десетици официјални лица и научници вклучени во неодамнешното лансирање на најголемата севернокорејска балистичка ракета, објавија севернокорејските државни медиуми.

„Градењето нуклеарна сила служи за сигурна заштита на достоинството и суверенитетот на државата и народот, а нејзината крајна цел е да ја поседува најмоќната стратешка сила во светот, апсолутна моќ без преседан во овој век“, нагласи Ким.

Северна Кореја минатиот петок тестираше интерконтинентална балистичка ракета Хвасонг-17. Ракетата достигна височина од 6.000 километри, покривајќи дострел од 1.000 километри и падна на околу 200 километри западно од островот Ошима во северната префектура Хокаидо, соопштија јапонските власти.

Ким го нарече Хвасонг-17 најмоќното стратешко оружје во светот. Тоа ја покажува одлучноста и способноста на Северна Кореја на крајот да ја изгради најсилната војска во светот, порача севернокорејскиот лидер.

Извор: МИА

- Реклама -