МНР ги демантира наводите за нови обврски со Бугарија надвор од Протоколот, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за дебакл на дипломатијата

Министерството за надворешни работи реагираше во врска со, како што велат, појавените шпекулации во јавноста за нови взаемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, и демантира дека се подготвуваат нови обврски покрај оние договорените во билатералниот протокол.

„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори. Оттука, сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, се вели во соопштението.

Како што додаваат од МНР, со внимание го следат процесот на формирање на бугарска Службена влада и развојот на внатрешните и надворешните политики во Бугарија, а охрабрува, оценуваат, значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада.

Шпекулациите за нови обврски (за Македонија) се пијавија откако шефот на бугарската дипломатија – Николај Милков, вчера изјави дека непосредна задача на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со земјава ќе биде усвојување на писмен документ што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски.

На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ја повика Владата да одговори што содржат новите документи од Бугарија.

„Ковачевски, Османи и Маричиќ треба веднаш да одговорат што содржат овие нови документи, кои се новите барања и услови? Додека се обидуваа да ја убедат македонската јавност дека со Протоколот се затвораат сите услови и барање од страна на Бугарија, за нецел месец, повторно добиваме нови услови и нови барања за исполнување“, реагираа од најголемата опозициска партија.

На партиска прес-конференција, пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, обвини за уште еден дебакл на дипломатијата на актуелната власт.

„Распродажбата на националните и државните интереси не престанува. СДСМ продолжува со концесиите кои ги дава на Бугарија. Откако Заев потпиша штетен договор со Бугарија во 2017-та година, откако Ковачевски потпиша понижувачки Протокол во 2022 година, сега од Бугарија доаѓаат најави за нов пишан документ кој се подготвува на сметка на Македонија.

Имено, министерот за надворешни работи во службената влада на Бугарија, Николај Милков, најави дека ќе има нов писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различните институции во односите со Македонија. Ова значи дека написмено ќе се уредат сите тие како што ќе кажат ‘обврски’ за Македонија и тие обврски ќе се однесуваат за македонските институции“, толкуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ете до каде нѐ дотера измеќарскиот менталитет на Ковачевски и СДСМ. Ова е погазување на суверенитетот на Македонија. Немањето на стратегија на владата на СДСМ и Ковачевски остава простор Бугарија да диктира, како што ќе кажат – ‘систематски пристап’, со, цитирам, ‘јасно запишани задачи и одговорности, за да може да се очекуваат и резултати“ “, обвини Лефков.

Тој оцени дека ваквите најави се потврда за она на што предупредуваа ВМРО-ДПМНѐ и експертите во Македонија, и дека тие предупредувања сега стануваат реалност.

„Кусогледоста и измеќарлукот на Заев, а сега и на Пендаровски и Ковачевски, доведоа до тоа Македонија да добива нови и нови уцени, нови барања и задачи. Затоа кажавме дека прифаќањето на ‘Предлог’ кој огромното мнозинство на граѓаните не го прифаќа, води или до бесконечни преговори или до асимилација по бугарски диктат. Бугарија јасно порача дека во преговарачката рамка за Македонија историјата е составен дел, сиротата министерка за култура веќе најавува цензура на културното творештво, а со новиот пишан документ ќе се предвидат и нови обврски за Македонија.

Сега после еден месец од историскиот успех кој што го најави Ковачевски се случува нов дебакл и нов пишан документ со задачи. Овој документ ќе биде основата на која Бугарија ќе го оценува напредокот по нивни терк и според кој ќе одобрува или не продолжување на преговорите. Каде се сега Османи, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски да кажат што содржи овој пишан документ кој го најавува бугарската дипломатија? Пак ли ќе се кријат и ја доведуваат Mакедонија пред свршен чин?“, праша Лефков, додавајќи дека за да престанат, како што рече, „предавствата и газењето на македонските национални и државни интереси“, мора да се случат избори и мора да има референдум на кој народот јасно ќе каже дали е за или против „ваквата измеќарска и понижувачка политика на Ковачевски и СДСМ“.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и СДСМ. И покрај тоа што сите лаги на опозицијата се демантирани, велат, од белиот дворец продолжуваат да шират невистини и да измислуваат конструкции.

„И денеска ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста. Многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница“, порачаа од СДСМ.

- Реклама -