Отворена тридневната изложба „Жени во занаетчиство“ во Кабинетот на претседателот

Денеска во Кабинетот на претседателот на државата – Стево Пендаровски, по повод Деновите на занаетчиство, беше отворена тридневната изложба „Жени во занаетчиство“ под покровителство на сопругата на претседателот – Елизабета Ѓоргиевска во соработка со Центарот за управување со промени (ЦУП), а во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ поддржан од УСАИД и БТД.

Заедно со првата дама, настанот го отворија и обраќања имаа и извршната директорка на ЦУП – Неда Малеска Сачмароска, директорката на Занаетчиската Комора-Скопје – Анета Атанасовска, но и министерката за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска, и амбасадорката на САД во земјава – Кејт Мери Брнз.

Во рамки на настанот, Сачмароска ѝ врачи плакета на првата дама Ѓоргиевска во знак на благодарност за нејзината заложба во поддршката и промоцијата на женското претприемништво.

На изложбата што ќе биде отворена од 16 до 18 мај – чија цел е да се пренесе пораката за значењето и придонесот на жените занаетчики во одржување на традиционалните занаети, зачувување на културното богатство и поттикнување на економскиот развој на земјата – посетителите (ќе) имаа(т)  можност да ги разгледаат изработките и уникатните производи на триесетина вредни и креативни жени занаетчики, како и да се запознаат со платформата www.womenpoweron.mk.

„Жената несомнено е клучен двигател на општествените процеси во сите сегменти, така што и женското претприемништво се препознава како значаен фактор за економскиот развој на земјата. Учеството на жените во бизнис активностите ги трансформира квалитетот и структурата на работната сила и општеството во целина“, истакна првата дама Ѓоргиевска во своето обраќање, додавајќи дека она што им недостасува на жените е финансиска поддршка, дополнителна едукација, како и добар маркетинг за пласирање на нивните производи на домашниот и странскиот пазар. Токму затоа, подвлече таа, со овој настан „ја потенцираат улогата на жената занаетчика како клучен економски двигател, но и како промотор на културата“.

- Реклама -