Во голема полициска акција приведен екс-премиерот на Бугарија – Бојко Борисов

Во обемна операција на бугарската полиција во однос на 120 случаи на злоупотреба на европски средства, вечерва е приведен поранешниот премиер на Бугарија – Бојко Борисов, објави БНТ.

Во тек се претреси на повеќе адреси, а приведени, покрај Борисов, се и поранешниот министер за финансии – Владислав Горанов, поранешната шефица на буџетната комисија – Менда Стојанова, и поранешната шефица на владината информативна служба – Севдалина Арнаудова.

„Никој не е над законот!“, напиша на Фејсбук актуелниот премиер на Бугарија – Кирил Петков.

Сепак, како што пренесува БГНЕС, од партијата на Борисов (ГЕРБ) демантираат дека тој е уапсен, а бугарското МВР, кое соопшти за неговото апсење, ја избришало таквата информација од својот вебсајт.

Борисов не е задржан, а во моментот е во тек претрес на неговиот дом, изјавил Никола Николов од ГЕРБ, според кого во домот на Борисов има 10 полицајци кои вршат претрес. И за останатите членови на ГЕРБ за кои се тврди дека се уапсени, Николов вели дека информацијата не одговара на вистината.

Инаку, како што пренесува БГНЕС, повикувајќи се на информации од претресот во домот на Арнаудова, кај неа бил откриен џип кој се води во сопственост на фирмата „Аркад“, која го гради гасоводот „Турски тек“ преку Бугарија.

- Реклама -