Србија очекува и до 30.000 заразени дневно, размислува за четврта доза вакцина

Белград, 5 јануари 2022 (МИА) – Експертите тврдат дека на Србија ѝ се заканува „ураган“ од нов бран на коронавирус и уште подрастично зголемување на бројот на заразени, можеби и до 30.000 лица дневно, поради што се разгледува можноста за воведување на четврта доза вакцини, јави дописникот на МИА од Белград.

Професорот Д-р Радмило Јанковиќ од Ниш за РТС изјави дека е невозможно да се запре ширењето на омикрон сојот на коронавирус.

„Бројките сигурно ќе бидат над 10.000, 20.000 или можеби 30.000 заразени, ќе имаме комплицирано време во следните две недели. Се надеваме дека ова ќе биде последниот чин со короната“, нагласи Јанковиќ.

Тој наведе дека бројките забележани во последните неколку дена покажуваат дека Србија се движи кон нов врв на петтиот бран, а забрзувањето е поради омикрон сојот.

Според Јанковиќ, „се случило она што можеше да се претпостави, а народот во Србија треба да биде подготвен за бројките кои ќе изгледаат застрашувачки во наредните денови“.

„Денес веќе сме на петцифрена бројка на заразени и овој тренд ќе продолжи, бидејќи така е во цела Европа“, рече тој.

„Ова сега ќе биде многу поголем социјален притисок отколку здравствен притисок. Со толкав број на заразени кои следат во наредните денови – не можеме да го избегнеме, очигледно е дека вакцините не се ефикасни за спречување на инфекција со омикрон, моментално сме со голем број на заболени кај помладата популација, што ќе се слие кај постарите“, кажа Јанковиќ, кој додаде дека според податоците омикрон предизвикува полесни клинички слики.

Мирсад Ѓерлек, државен секретар во Министерството за здравство на Србија, изјави дека се разговара за четвртата доза од вакцината, бидејќи со појавата на нови соеви се намалува ефикасноста на вакцината.

„Без разлика што не успеавме во голем обем да ги убедиме граѓаните за вакцинација со првата и втората доза, тоа не значи дека не сме направиле добра работа со третата доза и така треба да продолжиме, а е евидентно е дека ни е потребна четврта доза“, изјави Ѓерлек за весникот Блиц.

- Реклама -