Австралија ќе ги обесштетува Абориџините кои како деца биле насилно земени од нивните семејства со по 51.000 евра

Канбера, 5 август 2021 (МИА) – Властите во Канбера денеска соопштија дека ќе понудат надомест на штета во висина од вкупно 82.000 австралиски долари (51.000 евра) на членовите на домородното население, кои биле присилно земени од нивните семејства како деца и предадени на нови бели семејства.

Поради зголемените критики и практиката на Абориџините да бараат надомест на суд, властите одлучија дека секој што е жртва на тоа да добие 75.000 австралиски долари за штетата што им е нанесена со присилно отстранување без согласност од нивните биолошки родители и дополнителни 7.000 долари поради емоционална траума.

Повеќе од 100.000 домородни деца Абориџини се земени од нивните семејства и заедници помеѓу раните 1900-ти и околу 1970 година, што поранешниот премиер Кевин Рад во 2008 година ги опиша како „голема дамка на душата на нацијата“ за време на формалното извинување на т.н. „украдена генерација“.

– Ова е долгоочекуван чекор, признавање на врската помеѓу заздравувањето на раните, достоинството и здравјето и благосостојбата на членовите на украдените генерации, нивните семејства и заедници, рече премиерот Скот Морисон денеска во Парламентот.

Планот за отштета се однесува на сите живи Абориџини кои беа одделени од своите семејства кога беа на возраст под 18 години и живееја во австралиската престолнина и Северната територија, а повеќето други австралиски држави го спроведуваат својот план за обесштетување на домородното население.

Домородните заедници го поздравија потегот на Владата, но сметаат дека останува уште многу да се направи, особено во областа на економијата и образованието.

Во Австралија, со 26 милиони жители, живеат околу 700.000 Абориџини, кои, според официјалните истражувања, заостануваат во речиси секој економски и социјален показател.

- Реклама -