Заев: Грција има обврска на патоказите да ја избрише кратенката „ФИРОМ“, зашто е одамна замината во историјата

И двете страни ги очекуваат одредени обврски од Преспанскиот договор во периодот што претстои, а една од нив е Грција да ги отстрани патоказите и останатите знаци на кои стои кратенката „ФИРОМ“, порача премиерот Зоран Заев, откако заедно со поранешниот грчки колега Алексис Ципрас, како креатори на договорот од Нивици, повикаа да се заокружи неговата имплементација и во двете држави. Кратенката „ФИРОМ“ не смее повеќе да стои во Грција, бидејќи е одамна замината во историјата, истакна Заев.

„Тоа што е важно за целиот наш народ и треба да го знае, е дека повеќе не сме ФИРОМ на кајроните, но исто така со народните кодификации или кодови МК и МКД и во едни такви околности јас само можам да кажам дека очекувам и грчката страна соодветно да продолжи како што е нашето очекување тој еден или два знаци со ФИРОМ коишто постојат – да ги тргнат. Не е коректно да пишува Турција, Бугарија и ФИРОМ, или не е коректно да пишува Турција, Бугарија и Скопје. Треба да пишува Северна Македонија. ФИРОМ навистина треба да се тргне“, порача Заев.

Претходно и Ципрас потврди дека нема промена на дел од патните табли. Според него, една од причините е што локалната власт ја префрла топката/одговорноста кон централната власт на Грција.

При неодамнешната посета на Скопје, пак, поранешниот градоначалник на Солун – Јанис Бутарис, уверуваше дека на ниту еден од сообраќајните патокази во околината на Солун повеќе не пишува „ФИРОМ“.

- Реклама -