Радев: Нема да речеме „да“ сѐ додека РСМ не престане со кражба на бугарската историја

Фото: БГНЕС

Единствено од ангажирањето и резултатите во дијалогот со Бугарија зависи забрзувањето на европската перспектива за Република Северна Македонија, порача денеска бугарскиот претседател Румен Радев пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Брисел, пренесува БГНЕС.

„Сакам да го обрнам внимание кон точката од дневниот ред која ја очекуваа сите европски институции и лидери и која успеавме во последниот момент да ја тргнеме од денешната програма. За тоа си имаме и причини и историја. Во последниот месец и половина, Бугарија беше подложена на неверојатен притисок од европските партнери токму на денешниот Европски совет да се даде зелено светло на преговорите за членство на Република Северна Македонија“, рече Радев.

Радев истакна дека на последниот совет, во мај, Бугарија се нашла во изолација, посочувана со прст и обвинета за блокирање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Техничката влада вложи огромни напори да ги надомести годините во кои нашите партнери не успејаа да ја слушнат основаната аргументирана бугарска позиција на високо ниво“, посочи бугарскиот претседател, набројувајќи разни средби и разговори што тој лично ги остварил со лидерите на европските институции, со претседатели и премиери, со еврокомесари, со министри за надворешни работи и државниот секретар на САД. Радев смета дека тие средби и разговори вродиле со плод, односно дека сега, како резултат на тоа, позицијата на Бугарија наидува на повеќе разбирање.

„Верувам дека тие разбраа дека прекорите кон Бугарија се  неосновани. Дека имаме јасна позиција за излез од овој проблем и дека ќе држиме до сигурни гаранции, до одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да излеземе од познатата дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматичните решенија“, истакна Радев.

Тој посочи и дека во овој месец и половина Бугарија докажала, и покрај притисоците кон неа, дека е одговорна членка на ЕУ и дека нема да го дозволи внесувањето на нови проблеми во Унијата.

„Да не сме наивни. Ние сега успеавме не само да ја одложиме таа точка од дневниот ред, туку и да го отфрлиме притисокот за одобрување на почетокот на преговори за членство на РСМ со календарски графи и рокови, но сега засега. Притисокот ќе продолжи. Ние докажавме дека можеме и да бидеме отворени за конструктивен дијалог, но и да го иницираме дијалогот и да го водиме до негово одмрзнување на највисоко ниво. Нема да дозволиме да ни бидат виткани рацете со лобирање со медиумски и политички притисок“, порача Радев.

Бугарскиот претседател е категоричен дека Софија се придржува до Копенхашките критериуми за членство и не може да ја игнорира дискриминацијата на граѓани во РС Македонија само поради нивното самоидентификување како Бугари, која е спротивна на европските вредности и принципи.

„Не е можно да речеме ‘да’ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на изопачениот став и предрасуди кон Бугарија – од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика. Не можеме да речеме ‘да’ пред да сме убедени дека нашата соседка нема да го гради својот идентитет преку кражбата на бугарската историја“, порача Радев.

Според него, Бугарија останува отворена за брзи и плодни билатерални преговори во интерес на граѓаните на двете земји, но, истакна, „време е сите да разберат дека единствено од ангажирањето и резултатите во дијалогот со Бугарија зависи забрзувањето на европската перспектива за Република Северна Македонија“.

- Реклама -