Секој еден затвореник државата ја чини речиси 800 евра месечно

9.500 евра – толку годишно троши државата за секој еден затвореник во казнено-поправните установи во Македонија, покажуваат податоците од Управата за извршување на санкции до кои дошла државната Медиумска информативна агенција (МИА).

Според овие податоци, вкупната сума што се издвојува изнесува речиси 1.12 милијарди денари (1.119.634.000 ден.), односно околу 18.2 милиони евра.

Од оваа сума, половина е наменета за затворска полиција и затворските службеници – 555.675.000 денари, а околу 18% или 199.500.000 денари – за подобрување на условите во затворите.

Во 2020 година во затворите низ земјава имало вкупно 1.901 затвореник, со што биле пополнети 89% од вкупниот капацитет на затворите. Според податоците од Управата за извршување на санкции, вкупниот капацитет е 2.113 лица. Притоа, за секое лице, просечно треба да има обезбедно најмалку 4m², односно 9m³ простор. Со тоа, секој затвореник државата годишно ја чини, во просек, по 588.000 денари.

Во однос на вкупниот капацитет, во 2017 година биле исполнети 130% од капацитетот на затворите, со 2.763 лица зад решетки. Оваа бројка континуирано опаѓа, па така, во 2018 година биле исполнети 92%, а во 2019 година – 91% од затворските капацитети.

И покрај тоа што изминатата година вкупниот капацитет не бил исполнет, сепак имало пренатрупаност во три од затворите, и тоа во Штип, Тетово и Прилеп, открива МИА.

Хелсиншкиот комитет за човекови, пак, иако нотира прогрес во казнено-поправните установи, пред сѐ во поглед на подобрување на материјалните услови, сепак посочува дека казнено-поправниот систем сѐ уште се соочува со големи проблеми и предизвиц, повторно во поглед на материјалните услови, како и во полето на здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените. Повеќе прочитајте ТУКА.

- Реклама -