Се вакцинираше и Николовски: „Имунизацијата е клучна за да ја оставиме оваа тешка здравствена криза зад нас“

Согласно националниот план за имунизација, денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“, првата доза вакцина против ковид ја прими и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси – Љупчо Николовски.

По вакцинирањето, Николовски, во изјава за медиумите, порача дека имунизацијата е клучна за излез од кризата.

„Тукушто ја примив првата доза од кинеската вакцина ‘Синофарм’, односно вакцината којашто беше достапна во моментот. Имунизацијата е клучна за побрзо да стекнеме колективен имунитет и да ја оставиме оваа тешка здравствена криза зад нас. Само така, со заедничка одговорност придонесуваме кон колективното и јавно здравје, и само така побрзо ќе заврши оваа борба со пандемијата од КОВИД-19“, порача Николовски.

Вицепремиерот уште еднаш потенцираше дека „сите вакцини што пристигнуваат и што дополнително ќе пристигнуваат се безбедни, проверени, тестирани и, како што рече, сите еднакво штитат од хоспитализација, тешки форми на болеста и фатален исход.

„Затоа е важно, на секој што ќе му дојде редот за вакцинација согласно планот за имунизација, да се вакцинира со вакцината што е достапна во моментот. На овој начин, со вакцинацијата, ќе ја исполниме целта, ќе излеземе победници во оваа панедмија, за веќе во летниот период да имаме висок процент на имунизирано насление. Според информациите од Министерството за здравство, се зголемува бројот на новопријавени граѓани за вакцинација и тоа е добро. Ги повикувам сите граѓани кои досега не го сториле тоа, да се пријават за термин на вакцинација.мк, да ги почитуваат добиените термини, да се вакцинираат, а со тоа да придонесат во справувањето со оваа битка“, порача Николовски.

Истовремено, тој предупреди дека вакцинацијата не значи и комплетно опуштање; Важно е и натаму, сѐ додека организамот не создаде имунитет, да се почитуваат мерките за лична заштита – маска, растојание и негрупирање во затворени простории.

- Реклама -