Филологот Ниами: Отстранувањето на зборови од Толковниот речник е чин на цензура забранета со Устав

Отстранување на одредници од сериозен научен и лексикографски труд, каков што е Толковниот речник на македонскиот јазик, само затоа што одредени зборови не се општоприфатливи, е чин на цензура која е забранета со Устав, реагира Емил Ниами – доктор на филолошки науки, на информацијата дека ќе се отстрануваат „навредливите“ зборови од дигиталниот речник промовиран вчера по повод Денот на македонскиот јазик.

Ниами појаснува дека постоењето на овие зборови е факт со иста тежина како тој дека Земјата е тркалезна или дека постои гравитација, односно дека тоа што не се прифатливи во комуникацијата, не значи дека не постојат и дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание. Притоа, Ниами потенцира дека работа на „Толковниот речник“ не е да служи како упатство за тоа кои зборови да се употребуваат или да не се употребуваат, туку да го објасни значењето на зборовите кои постојат во јазикот, без оглед какви се.

Доколку ваквата пракса на „лов на вештерки“ продолжи, тоа ќе биде кршење на начелото за професионалност и на научната етика, што може да доведе и до анатемисување на научниците, па и нивно палење на клада, смета Ниами. Оттаму, тој ги повикува авторите на овие одредници да не попуштаат и да се спротивстават на ваквиот, според него, „чин на обесценување на нивниот труд“.

Прочитајте го неговото образложение во целост, на Фејсбук:

- Реклама -