Пратениците и официјално го одложија пописот, и натаму ќе се кршат копја за дијаспората

Со 95 гласа „за” и 12 гласа „против” на пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, денеска, на два дена откако по закон започна, парламентот и формално го одложи пописот.

Според измените, пописот ќе почне на 5 и ќе трае до 30 септември, како што впрочем и се договорија Заев и Мицкоски. Дотогаш се очекува веќе да се вакцинирани поголем дел од граѓаните.

Со ист број гласови, но без „против“, беа усвоени и измените на Изборниот законик, со кои се одложуваат и локалните избори. Наместо во првата, изборите ќе се одржат во втората половина на октомври. Усвоено беше и при гласањето да се користат терминали за отпечаток од прст.

И натаму остануваат несогласувањата во однос на дијаспората. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека дијаспората може да се евидентира, но не и да се попишува и да учествува во вкупниот број на населението.

За Левица е недоволно да се вакцинирани попишувачите. Така ќе бидат заштитени тие, но не и граѓаните, аргументираат од оваа партија. За нив е неприфатливо и правичната застапеност да се раководи според севкупното попишано население, односно по бројот што ја вклучува и дијаспората. Тие ќе продолжат со кампањата против попишување на иселениците.

За пратеничката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, пак, тоа било омраза кон дијаспората, од која 90% биле Албанци, а правичната застапеност била најзначајно постигнување во 21-от век, кое ја зачувало Македонија.

- Реклама -