ДЗС: Дезинформација е дека можат да се попишуваат лица што не се државјани

Државниот завод за статистика најостро ги демантира „информациите што се појавија во јавноста“ дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации, велат од ДЗС.

„Информациите што се појавија во јавноста“ всушност беа изјава на првиот вицепремиер Артан Груби, кој во гостување на албанската телевизија ТВ „Клан“ рече дека Албанците од дијаспората доволно е да имаат извод од матична книга на родени, извод од книга на венчани или каков бил друг документ, за да се попишат преку апликацијата (и со тоа да придонесат за унапредување на правата на Албанците во земјава).

Од Државниот завод за статистика велат поинаку.

„Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица коишто ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број“, се вели во објаснувањето објавено на нивната официјална Фејсбук страна.

Од ДЗС се категорични дека дејствуваат по сериозна методологија и се водат по најстрогите и најсовремени стандарди на проверки при попишувањето. Секој обид за дезинформирање и манипулирање со населението ќе биде веднаш демантиран и разобличен, додаваат тие.

Од Левица, пак, по изјавата на Груби, велат дека легитимноста на пописот е целосно поткопана.

„Додека владините функционери именувани од страна на СДСМ, на чело со директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), ја убедуваат јавноста дека пописот е ‘само статистичка операција’, нивните партнери во власта – функционери од редовите на ДУИ, со пара-пописна структура агитираат кај албанската дијаспора за масовно попишување. Таков е примерот со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која објавува имиња на луѓе и организации и ги повикува Албанците во дијаспората да ги контактираат за да се попишат на пописот. Од сите овие контакти нема ниту еден од неалбанска заедница, а меѓу нив има и верски организации. Од ДЗС пак молчат за ваквото грубо мешање на партиски структури во операцијата, која ја водат државни институции и досега нема ниту кривични, ниту прекршочни пријави, освен најава за крвична пријава кон нашата партија за повикување на бојкот на пописот.

Легитимноста на пописот е целосно поткопана! И тоа, не само поради тоа што партиските структури на ДУИ се однесуваат како парарелни институции, туку и поради тоа што тие, тенденциозно и свесно, ја прошируваат палетата на и онака законски манипулативно поставената пописна методологија, сѐ со цел да даде нереални и нелегитимни резултати во однос на етничката структура во државава, односно да се прикаже значително поголем број на Албанци од она што навистина е случај на резиденти во Македонија“, обвинуваат од Левица, посочувајќи ја изјавата на Груби како најнов пример што ги потврдува нивните тврдења.

„Очигледно дека пописот е планирана политичка алатка со која треба да се зацементира трибалистичкиот карактер на политичкиот систем на Македонија, и најпосле да се официјализира и унапреди нејзината федерализација.

Оттука, упатуваме повик до сите политички чинители надвор од политичкиот двор на ДУИ, итно да постигнат консензус за откажување на овој попис на неодредено време, сѐ додека не се изготви консензуален Закон во кој ке се утврди методологија и контролни механизми, кои реално ќе покажат каква е состојбата на територијата на Република Македонија“, порачуваат од Левица.

- Реклама -