„Еурактив“: Бугарија се обидува да ја смени тактиката со Скопје, едно од барањата е отворање на филијали на бугарски универзитети во Македонија

Со акцискиот план кој Бугарија ѝ го врачи на Северна Македонија вчера на средбата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева со специјалниот претставник Владо Бучковски, Бугарија се обидува да ја промени тактиката со Скопје, оценува бугарската редакција на „Еурактив“.

Дипломатски извори за EURACTIV Бугарија објасниле дека Софија има предлози поврзани со железнички линии, магистрали, инвестиции на бугарски фирми, но и отворање на филијали на бугарски универзитети во Македонија, како и предлози за учебниците по историја. Според нив, преостанува да бидат претставени и македонските предлози по сектори, како и документот да биде одобрен од двете страни. Тоа би било еден вид практична примена на Договорот за добрососедство, велат тие.

„Предложениот акциски план е првиот конструктивен акт на властите во Софија откако вицепремиерот Красимир Каракачанов соопшти во септември дека европската перспектива на Северна Македонија треба да биде блокирана. Тоа и се случи неколку месеци поодоцна, кога Бугарија стави вето за стартот на преговорите за членство на Скопје во ЕУ. Еден од главните изнесени аргументи е антибугарската реторика во соседната држава. Но, дел од политичарите во Скопје тврдат дека и дел од бугарските политичари исто така користат говор на омразата кон Македонците“, пишува ЕURACTIV Бугарија.

Фокусот на акцискиот план, од друга страна, е далеку попрактичен од барањата кои ги имаат националистите во бугарската влада, се вели во текстот.

„Каракачанов во многу прилики рече дека Македонија треба да се откаже од претензиите кон бугарската историја пред 1944 година, а исто така да направи и отстапки во однос на своајта верзија за потеклото на македонскиот јазик. Бугарската академија на науки (БАН) до овој момент ја поддржува тезата дека јазикот во Северна Македонија е дијалект на бугарскиот.

По овие прашања, премиерот Бојко Борисов се обидува да звучи умерен, па зборува за заедничките инфраструктурни проекти во регионот. Борисов настојува Македонците да декларираат дека немаат претензии за постоење на македонско малцинство и територијални претензии кон Бугарија“, заклучува бугарскиот „Еурактив“.

- Реклама -