Од прв човек на „Шверцери“ до советник на заменик-премиерот и министер за односи меѓу заедниците

Фото: Фејсбук

Од 13 ноември годинава, советник за млади и спорт на првиот заменик на премиерот Зоран Заев, како и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, е ни помалку ни повеќе, првиот човек на навивачката група „Шверцери“ – Омер Буњаку, објави денеска Призма/БИРН.

Биографијата на Буњаку се состои од едвај 70 зборови, од кои половина се однесуваат токму на неговиот советнички ангажман во Кабинетот на Груби. Во другите 35 пишува дека дипломирал туризам и менаџмент, дека е директор на чаирскиот фудбалски клуб „Шкупи“ и дека покрај албански и македонски, зборува и англиски и турски јазик.

Затоа, пак, на интернет ќе најдете многу повеќе, посочува БИРН. Кај Албанците, Буњаку е познат како предводник на навивачката група „Шверцери“ чиј основач е Груби. Има „сочно“ полициско досие и проблеми со законот од 2011 година.

Учествувал и во тепачките на Кале во 2011 година околу изградбата на црквата-музеј, и тоа како еден од главните актери – тој беше ослободениот од тогашниот заменик-министер за полиција Џевад Бучи, кого камерите го снимија како му ги вади лисиците.

Тој беше еден од 50-мината осудени за инцидентот, а тоа јавно го осудија и Артан Груби, но и лидерот на ДУИ – Али Ахмети. Но тоа не е сѐ, посочува порталот.

Во 2014-та, како што сѐ уште може да се провери во медиумските архиви, Кривичниот суд го осудил Буњаку на казна затвор од 1 година поради демолирањето на барот „Њу Орлеанс“ во старата скопска чаршија, поради тоа што била пуштана македонска музика. На јутјуб-каналот на МВР сѐ уште стои видеото од неговото апсење за тој инцидент.

Буњаку беше присутен и во МНТ, кога „Шверцери“ славеа годишнина од своето постоење и како резултат го оставија театарот со низа оштетувања во вредност од околу 4 илјади евра. На таа прослава, беше скандирано и неговото име.

Од неговата активност на социјалните мрежи, каде насловната фотографија му е фемили-фото со фудбалскиот клуб „Шкупи“, може да се види дека е фан на Али Ахмети и други високи функционери на партијата. Гостувал и во дебатни емисии каде што говорел за насилството од спортските трибини.

Од БИРН, и покрај обидите да го контактираат, не добиле одговор од Груби. Но првично успеале да го контактираат Буњаку, кој им одговорил со „Ќе се консултирам и ќе ве барам за кратко“. Но кога тоа не се случило и од БИРН повторно го побарале, им рекол дека не сака да зборува, а за сите прашања ги упатил кај Министерството за политички систем со кое раководи Груби…

Покрај Буњаку, за советник првиот вицепремиер има и пејач. Се работи за Шпат Касапи, кој исто така има кратка биографија во која е наведен советничкиот ангажман во Кабинетот на Груби, но во идно време – „ќе ја извршува функцијата“… Повеќе за него, но и за советниците на Битиќи, Николовски и Димитров, прочитајте ТУКА.

- Реклама -