„Убавиот бугарски град Велес“ и „војната“ против Бугарија претставени како „нова глобална закана“ со која се соочува Европа

„Бугарија е мета на информациски напад на социјалните мрежи, кој го извршуваат служби и организации што јас лично ги поврзувам со Република Северна Македонија, Белград и фабриката за лажни вести во Санкт Петербург“, изјави бугарскиот европратеник и потпретседател на бугарската ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов – Ангел Џамбаски, на меѓународната конференција „Европа и новите глобални закани“.

„Сите се сеќавате дека една од најголемите фабрики за лажни вести, кои се поврзуваат со фабриката во Санкт Петербург, се наоѓа во убавиот бугарски град Велес. Во моментов таа врши таков напад врз Бугарија – апсолутно лажни, невистинити тези широко се распространуваат на сите видови социјални мрежи“, тврди Џамбаски.

Според него, во „нападите“ учествуваат и низа бугарски јавни личности. „Јас не можам да прифатам дека бугарски граѓани – дали доброволно и свесно, или пак платени, би можеле да се бават со антибугарска политика, но гледате дека имаме такви. И јавни личности и политичари во Бугарија работат за антибугарската кауза и против интересите на Северноатлантскиот договор“, рече европратеникот.

Како пример за ваквата „војна“, Џамбаски посочи лажно тврдење што се шири во етерот, а според кое ако Бугарија не ја поддржи Македонија, ќе биде нападната од Русија или од САД.

Џамбаски зборуваше и за „исламокомунизмот како внатрешна закана за Европската унија“, пренесува „БТВ новините“.

„Дури и да прифатиме дека тие (Кина) не се одговорни за создавањето на овој вирус, никој не може да нѐ убеди дека тие не го излажаа светот. Дека не ги манипулираа бројките, заканата од заболувањето, карантинските периоди. Ако тие беа чесни и искрени од почетокот, немаше да ја пренесат болеста во Северна Италија и тешко да ја поразат земјата. Зашто заразата во Европа и Северна Италија се случи по Кинеската нова година, кога илјадници кинески работници отидоа во Северна Италија“.

Меѓународната онлајн конференција, како што објавија претходно бугарските медиуми, е во организација на самиот Џамбаски, на иницијатива на Партијата на европски конзервативци и реформисти, каде тој исто така е заменик претседател. На конференцијата учествуваше и вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија – Каракачанов, како и други европратеници и меѓународни експерти.

- Реклама -