Потребно е да се вакцинира 60-70% од населението, вакцините се целосно безбедни – уверува Филипче (ВИДЕО)

„Во целиот овој изминат период видовме што значи да се соочуваме со болест за која нема вакцина“. Сега кога е достапна вакцина и за коронавирусот, потребно е да се вакцинираат 60 до 70% од населението. Тоа е доволно да се создаде имунитет и да го победиме вирусот, порачува министерот за здравство Венко Филипче во своето најновото видео обраќање до граѓаните.

Тој потсетува дека благодарение на вакцините, во светот се искоренети многу болести, како морбилите, паротитот, полиото. Министерот уверува дека новите вакцини се безбедни, затоа што се создадени преку проверени методи:

„Сите вакцини за коронавирусот се развиени на безбедни платформи, платформи кои што се користеле за развој на сите други вакцини. Тоа се безбедносни протоколи, тоа се процедури коишто со години наназад компаниите кои развиваат вакцини ги запазуваат.

Сѐ повеќе сме сведоци на лажни вести во врска со вакцините и вакцинацијата. Сакам  да ве уверам дека сите вакцини се целосно безбедни, сите се развиени по веќе вообичаени и сосема безбедни протоколи. Секој еден граѓанин на којшто е индицирана вакцинација, треба да ја прими оваа вакцина. Така ќе ставиме крај на пандемијата“, вели Филипче.

Тој уверува дека Владата ќе обезбеди сосема доволна количина на вакцини, како преку КОВАКС системот, така и преку понудата на Европската унија. Според него, имаме сѐ повеќе можностите и за директни преговори со компаниите.

Денеска, инаку, Филипче посети дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината за Ковид-19. Како што е веќе познато, таа треба да се чува на температура од -70 Целзиусови степени.

Како што рече министерот, станува збор за дистрибутери кои веќе работат на ова поле, односно вклучени се во постојаниот систем на вакцинација, во делот што се однесува на складирање и дистрибуција на други вакцини од имуниолошкиот календар на Министерството за здравство. Тие во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до -20 степени Целзиусови, како и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините. Дополнително, Министерството за здравство операторите ќе ги снабди со фрижидери до -70 степени целзиусови, соопшти Филипче.

- Реклама -