Заменикот на Захариева: Не може земја во предпристапен процес да ѝ држи лекции на Бугарија, која е членка од 2007 година

Во Северна Македонија изминативе денови видовме запалени бугарски знамиња и слушнавме сексистички напади од водечки политичари кон сите бугарски жени, вклучително и до министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева…

Со овие зборови во емисијата „Бугарија утрово“, во воведот во разговорот на тема „Иднината на Северна Македонија“, новинарката на „Bulgaria on Air“ побара анализа од заменикот министер за надворешни работи Георг Георгиев за тоа дали тензиите меѓу Скопје и Софија излегуваат од контрола и како понатаму ќе се одразат на односите меѓу двете земји.

„Тоа е прашање на домашно воспитување и светогледи. Тие луѓе кои го запалија бугарското знаме, веројатно тоа го прават примарно затоа што Бугарија во оваа етапа кажа ‘не’ на приклучувањето на Северна Македонија кон ЕУ. Но, под претпоставка дека тие луѓе се лути затоа што Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ, зарем треба од тоа да извлечеме заклучок дека проевропски граѓани така одбираат да се изразуваат? Силно се сомневам во тоа“, рече заменикот на Захариева, оценувајќи дека таквите постапки се карактеристични за некои други делови од светот и за едно друго време. „Тоа однесување нема да биде толерирано“, порача тој.

Во однос на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервју за „Франс прес“ – дека Блокадата од Бугарија е спротивна на европските вредности, Георгиев ја префрла топката преку границата – спротивно на европските вредности е непочитување на договор што сте го потпишале со друга земја, вели тој. Според него, она што е важно е дека Бугарија е членка на ЕУ од 2007 година и дека тој не се согласува било која држава во предпристапен процес да ѝ држи лекции. Според Георгиев, се работи за токму обратното – сѐ она што се случува сега е лекција низ која ќе мине Македонија.

Тој признава дека земјава направила големи и нималку лесни чекори на патот кон Унијата:

„Би било многу жално ако не го завршат тој нелесен пат кој самите го започнаа и за кој се надевам дека се свесни дека ќе биде тежок. Им претстојат многу важни етапи од пристапниот процес. Но ако не ги почитуваат партнерите и државите кои најсилно им подадоа рака, тогаш потешкотиите ќе се умножат“, рече заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, изразувајќи надеж дека до следната дискусија за пристапувањето на Северна Македонија кон унијата, барањата на Бугарија ќе бидат земени во предвид. Вратата, вели, не е затворена, а разговорите секогаш можат да продолжат.

Според Георгиев, Бугарија не била единствената што ја блокира Македонија:

„Се создава претстава дека само Бугарија е единствената држава на ниво на ЕУ која ја стопира Република Северна Македонија. Да се присетиме на само неколку месеци порано – Холандија, Франција… Ние не сме тој единствен стопер кој ја попречува Северна Македонија“, истакна тој.

„Тоа (Македонците) е најблискиот народ до нас, кого сме навикнале да го нарекуваме братски. Многу се надеваме дека тој спор ќе се разреши и ќе продолжиме како партнери и пријатели на европската сцена. Многу сакам таа свест да ја има и од двете страни“, порача заменикот на шефицата на бугарската дипломатија.

- Реклама -