Земјотресот ја замати водата во Мавровскиот Регион, го сруши сајтот на EMSC, ги исплаши животните во скопската зоолошка

„Поради земјотресот чиј епицентар беше во Мавровскиот регион, дојде до заматување на водата за пиење во водоснабдителните мрежи“, информираа од Јавното комунално претпријатие „Маврово“, со препорака извесен период, додека не се смират потресите, да не се пие водата директно од чешмите.

„Најверојатно по земјотресот, чиј епицентар беше во мавровскиот регион, дојде до заматување на водата за пиење во водоснабдувачките мрежи. Освен во Маврово, Маврови Анови, заматување е забележано и во Жировница. Доколу се појави потреба, водата од системите ќе се испушти, по што ќе бидат повторно наполнети со чиста вода. Иако засега нема бактериолошко загадување, предвидено е да се направи и вонредно хлорирање. Затоа препорачуваме извесен период додека потресите не се смират, водата која директно доаѓа од чешмите да не се користи за пиење“, објасни директорката Дијана Давидовски за МИА.

Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, нивната телеметриска сеизмолошка мрежа со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, го регистрирала земјотресот утрово во 4 часот и 54 минути, со епицентар на 50 километри југозападно од Скопје – во селото Леуново, во близина на Маврово, во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, со магнитуда од 5 степени по Рихтер, на длабочина од 8.5 километри.

Според податоците, земјотресот најсилно бил почувствуван во Гостивар и Маврово – со магнитуда од 5 степени според Европската макросеизмичка скала, додека во Тетово и Скопје со 4 степени, а во регионите на Битола, Прилеп и околината – со 3 степени според истата скала. Со послаб интензитет земјотресот е почувствуван и во Охрид.

До овој момент не се пријавени штети.

Освен во земјава, главниот земјотрес утрово беше почувствуван и ги вознемири граѓаните и во Албанија и Косово. Големот број пријави привремено го сруши вебсајтот на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC). Како што соопштија на Твитер, огромниот сообраќај предизвикан од корисниците бил рамен на хакерски напад од типот DDOS (Denial-of-service), со стотици илјади барања (посети) на серверите за помалку од минута. Како што објаснуваат од EMSC, тоа се должи на популарноста на апликацијата во регионов, особено во Албанија, каде има повеќе од 200 илјади корисници.

Но не беа луѓето единствените што се исплашија. Како што беше објавено на социјалните мрежи, земјотресот ги вознемири и животните во скопската зоолошка градина. Според корисникот што го сподели видеото, тие се смириле дури половина час по потресот:

Инаку, по главниот земјотрес од 5 степени, утрово во 6:23 часот регистриран беше уште еден, помал со речиси идентичен епицентар, со магнитуда од 3.6 степени, на длабочина од 10 километри, што се толкува како афтершок по првиот.

Според најновите информации од сеизмолошките опсерватории, точно на пладне кај Маврово регистриран е нов земјотрес со јачина од 4.4 степени по Рихтер.

- Реклама -