Заев: Немам проблем да повлечам кредит, сега е моментот да вложуваме во капитални инвестиции во кои ќе бидат ангажирани домашни компании и работници

Наскоро започнува реализација на четвртиот пакет економски мерки, кој има за цел побрзо надминување на последиците од кризата од коронавирусот врз економијата и ќе биде директна помош кон економијата и кон граѓаните, најави премиерот Зоран Заев во гостувањето во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија.

– Ги опфаќаме најсиромашните, за да ја зголемиме нивната потрошувачката моќ, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори.

– Ќе има стимулативни мерки и за враќање на отпуштени работници во време на кризата, затоа што сакаме тие што се отпуштени да се вратат на работа, особено кога има недостиг на квалификувана работна сила.

– Платежни картички ќе добијат: пензионерите со пензии под 15.000 денари, голем дел од пасивните баратели на работа, самохраните родители.

– Се прават проценки стечајните работници кои добиваат надоместок од 8.000 денари, да добијат уште еден вид на помош, најави Заев.

Освен помошта за граѓаните и стопанството, важно е државата да го искористи периодот за засилено финансирање на капитални инвестиции кои носат придобивки и за економијата и за државата. Тоа ќе бидат проекти каде ќе бидат ангажирани наши домашни компании, наши работници, истакна премиерот.

„Сега е моментот кога треба да почнеме уште повеќе и уште позасилено да вложуваме во реализација на капиталните инвестиции. Активно работиме на тоа, се реализира процесот на гасификација, се заокружува примарниот прстен на гасоводна мрежа во државата и наскоро ќе бараме концесионер кој ќе доставува гас до домаќинствата и фабриките.

Во следниот период започнува и проектот ‘Чебрен’, во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра.

Треба да започне и реализацијата на Клиничкиот центар во Скопје во вредност од над 500 милиони евра.

Тоа се проекти каде ќе бидат ангажирани наши домашни компании, наши работници. Немам проблем како претседател на Влада ако Владата и Парламентот ме поддржат да повлечеме кредити сега во време на ковид криза за важни капитални проекти како Клинички центар, патишта и детски градинки.

Денеска со менаџментот на ТАВ заокруживме 49,7 милиони што треба да одат на аеродромот Штип, да се искористат за финансирање на проекти за канализации. водоводи, детски градинки, школи, спортски сали и две општински згради, Оттаму, 14,7 милиони евра ќе се искористат за реконструкција на двата аеродроми комплетно веројатно, а останатите 35 милиони за инфраструктурни проекти во општините“, истакна премиерот Заев.

- Реклама -