Запалени две возила на ЕВН во Тетово, приведување и кривична за организаторот на протестите против поскапувањето на струјата

Доцна синоќа, во периодот од 00.40 до 01.10 часот, на ул. „Иво Рибар Лола“ во Тетово, изгореле две возила со скопски регистарски таблички, марка „Дачија“ и „Нисан“, во сопственост на „ЕВН“. Пожарот бил подметнат, а покрај овие две, зафатил и оштетил и трето возило, марка „Голф“, со тетовски регистарски таблички, во сопственост на приватно лице.

Како што соопштија од СВР Тетово, поради сомнение дека со запалива течност го предизвикал пожарот, приведен бил 43-годишниот К.О. од Тетово.

Според „ТВ21“, се работи за Кренар Османи, кој е организатор на протестите против поскапувањето на струјата. И тој самиот, за „ТВ21“, потврдил дека бил приведен и задржан во полициска станица до раните утрински часови.

Според Османи, поднесена му е кривична пријава за опожарување на двете возила само поради тоа што во статус на социјалните мрежи напишал: „Сакате игра, и ние ќе ја играме играта“.

Во меѓувреме, „ЕВН“ го осуди инцидентот и најави зголемена заштита на својот имот и вработени:

„Осудуваме секаков вид на насилсто и вандализам. И покрај тоа што сторителот е уапсен, ЕВН презема мерки за заштита на своите вработени и имот. Имаме разбирање за мирни протести, иако не знаеме зошто се насочени против нас. Воедно најостро го осудуваме секој вид на говор на омраза кој што може да доведе до насилство како што беше случај синоќа“, се вели во соопштението.

- Реклама -