Ахмети и Заев без договор: …И неалбанските партии можат да се соберат, вели лидерот на СДСМ

Без договор заврши средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети што се одржа попладнево во Собранието. Сепак, преговорите за формирање влада ќе продолжат и во следните денови.

Во кратката изјава по средбата, Заев изрази жалење што не се договориле и рече дека јавноста, преку медиумите, ќе биде известена веднаш штом се случи, доколку се случи, некаков исчекор.

Ахмети, пак, по средбата оцени дека колку се блиску, толку се и далеку од договор, иако при пристигнувањето во Собранието во од одговори дека ќе формираат влада.

Заев уште еднаш повтори дека поканата на Ахмети за средба со лидерите на албанските политички партии ја чувствува како притисок врз него да попушти за позицијата премиер. Ахмети, пак, при пристигнувањето, кратко изјави дека „нема притисок“.

Тој потврди дека разговорите ќе продолжат, барем засега:

„Не сакам прв да го кажам последниот збор. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и подготвени сме ова да го направиме за државата затоа што придобивка ќе имаат стабилноста и државата, како и доближувањето на заедниците“, рече лидерот на ДУИ.

Заев понатаму не сакаше да коментира детали, но предупреди дека ДУИ треба да води сметка дека и неалбанските партии можат да се соберат како што тоа го прават албанските:

„ … Понатаму нема да разговарам, сакам да дадам шанса на разговорите, нормално, заради тоа што може и сите политички партии кои се претставници на неалбанските граѓани во државата, од неалбанската етничка заедница, значи може и тие да се соберат. Значи, можеме ние и со претставници на бошњачките партии, и со ВМРО-ДПМНЕ и со турските партии и слично, треба да се води грижа и за тоа“, рече Заев.

Тој додаде и дека ако поводот за средбата што ја свикува Ахмети е охридскиот Рамковен договор, треба да бидат поканети и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -