СДСМ: Деновиве ќе се потврди дека имаме обезбедено мнозинство за новата влада

Коалицијата „Можеме“ има обезбедено мнозинство што ќе ја формира идната влада, реагираа од СДСМ по синоќешната, како што ја нарекува „Дојче Веле“ – „бура во чаша вода“ од информации дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ постигнале договор, вклучително и за позицијата премиер.

„Очигледно е дека текстовите објавени вечерва се провидно политичко позиционирање преку злоупотреба на медиуми, заради постигнување подобри позиции пред јавноста, но и во преговорите на одредени политички субјекти“, коментираа од СДСМ, додавајќи дека во претстојниве денови претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Зоран Заев.

Истото денеска го тврди и висок функционер на СДСМ за „Дојче Веле“. Дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ имаат обезбедено мнозинство за составување влада, вели, ќе се потврди во следните денови, кога ќе се добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски и кога ќе дојде чинот на гласање во парламентот.

Во денешното соопштение од партијата, пак, велат дека СДСМ води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот.

Додаваат дека еден од главните нејзини приоритети ќе биде борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа.

„Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат.

Заеднички ќе биде договорен систем за проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер. За раководителите кај кои е утврдено нечесно работење следуваат санкции.

Тие што во име на граѓаните водат институции, мора да бидат отчетни, транспарентни и чесни и затоа воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт.

Корупцијата е непријател на граѓаните и на институциите и затоа граѓаните на изборите на 15 јули ни дадоа мандат да се избориме со криминалот и корупцијата на сите нивоa.

Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението.

- Реклама -