Од протестот пред седиштето на СДСМ: Ако Арбен згрешил, зошто не го сменивте со Албанец ист или подобар од Александар?

Фактот дека Арбен е заменет со Александар е симптоматично за нашето општество, велат активистите од движењето „Јас верувам“, кои денеска протестираа пред седиштето на СДСМ поради разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје Скопје – Арбен Зибери.

„Овде гласно зборуваме против дискриминацијата и нееднаквоста“, порачаа тие, барајќи објаснување од лидерот на СДСМ Зоран Заев зошто Зибери бил сменет:

„Г-дин Заев, кажете ни само една причина за разрешување на д-р Зибери – сѐ што знаеме е дека тој направи одлична работа како директор на Центарот за јавно здравје, особено во време на кризата со Корона, кога беше на првите редови на борбата против пандемијата.

Отпуштивте посветен и професионален државен службеник затоа што тој го изрази своето мислење на Фејсбук, а зборувате за демократија и граѓански права?

Го сменивте, и покрај неговата лојалност и професионалност, со Македонец? Кажете ни, ако Арбен навистина згрешил, зошто не одбравте еден од многуте албански здравствени експерти кои имаат исти вештини или можеби и подобри од Александар?“, прашаа од „Јас верувам“, испраќајќи порака дека Заев ги разочарал Албанците:

„Господине Заев, јасно е дека вие целите на евтини македонски гласови. Но, од некој што сака да ја води државата, очекувавме морален интегритет и очекувавме чесност. Ние Албанците очекуваме еднаквост. Во 2016 година, многу Албанци гласаа за СДСМ – затоа што ветивте еднаквост, ветивте општество за сите. Во 2016 година однапред ви ја дадовме довербата. Ви ги дадовме нашите гласови. Ветивте дека ќе бидете поразлични од ВМРО. Вие станавте премиер само заради албанските гласови. Ги добивте нашите гласови, а за возврат, ние добивме само повеќе од истото. Г-дине Заев, разочарани сме! Г-дине Заев, гневни сме!

Ова не се однесува само на Арбен Зибери. Ова се однесува на фактот дека Албанците сè уште не се еднакви. Македонците сè уште се привилегирани во сите области на општеството. А Албанците сè уште се граѓани од втор ред. Се соочуваме со нееднаква правда, се соочуваме со дискриминација во работата и во секојдневниот живот.

Знаеме дека како политичар не можете да го менувате менталитетот на луѓето преку ноќ. Но, ние очекувавме вие да играте улога на пример. Очекувавме искрени напори за еднаквост. А вие го заменивте Арбен со Александар. Само затоа што неговиот чичко се осмели да се кандидира за премиер како Албанец. Позиција за која верувате дека ви припаѓа само вас. Затоа што сте Македонец.

И така функционираат работите во Македонија. По четири години измама за општество, за сите.

Ова не е се однесува само за Арбен. Сите сме Арбен. Ова нѐ засега сите нас“, порачаа од движењето.

- Реклама -