ДУИ за разрешувањето на Зибери: Овој брутален и популистички антиалбански акт е порака за сите Албанци и ќе биде казнет на 15 јули

Продолжуваат обвинувањата од ДУИ кон министерот за здравство Венко Филипче, особено по денешниот ден, кога Министерството за здравство соопшти дека е разрешен директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери, кој е кандидат за пратеник на ДУИ и внук на предлогот за премиер Албанец – Насер Зибери.

Прв по разрешувањето реагираше токму разрешениот директор на ЦЈЗ. Во изјава за „360 степени“, тој обвинува дека министерот Филипче и неговата СДСМ избрале да му го ограничат правото на изразување и почнале кампања за одмазда.

„Ѝ служев на оваа земја и на нејзините граѓани со голема лојалност и посветеност. Секој што ме знае мене и ја познава мојата работа, го знае тоа. За жал, министерот за здравство и партијата СДСМ, на која тој ѝ припаѓа, избраа да ми го ограничат правото на изразување и почнаа кампања за одмазда. Однесувањето на СДСМ е голем срам. Очекував поголем интегритет и повеќе морално однесување од луѓе кои целат да ја водат оваа држава!“, рече Зибери.

Реакцијата од неговата ДУИ, пак, е многу поостра. Преку соопштение, ДУИ порача дека со ваквата постапка Филипче го загрозува јавното здравје, а истата ја карактеризираа како „недоличен, брутален и популистички акт со елементи на етничко влијание и политичка одмазда“, мотивиран од отпорот на политичките опоненти за идејата за Албанец на чело на државата, при што, според ДУИ, не бираат средства:

„Демократската Унија за Интеграција остро го осудува постапувањето пресметано врз дневнa политичка цел, освета и во функција на Парламентарните избори, на министерот за Здравство Венко Филипче против директорот на Институтот за Јавно Здравје во Скопје Арбен Зибери.

Ова политичко постапување на Филипче директно го загрозува здравјето на граѓаните и главната институција во борбата против Ковид-19 и загрозува илјадници граѓани.

Кандидатурата на Насер Зибери за прв Премиер Албанец им го замагли видот и умот на политичките опоненти кои не бираат средства за борба против еден Албанец на чело на институциите и на Владата, и по цена на загрозување на јавното здравје на граѓаните.

Овој недоличен, брутален и популистички акт со елементи на етничко влијание и политичка одмазда е порака за сите Албанци, за целата Албанска дијаспора и сите други граѓани.

Ова постапување е неприфатливо бидејќи е мотивирано против семејството на Албанскиот кандидат за Премиер, затоа казната за овие антиалбански постапки ќе се даде на 15 јули од граѓаните на ова земја“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Филипче, пак, денеска категорично демантираше дека одлуката има било каква политичка заднина, потенцирајќи дека Зибери е четвртиот сменет директор во врска со епидемијата во земјава и дека нема да дозволи никакво политизирање на ситуацијата и поткопување на угледот и работата на експертите од Комисијата за заразни болести.

- Реклама -