Се извини велешанецот што повикуваше на џиxaд: Мојот македонски јазик не е доволно усовршен, не го мислев тоа што го кажав (ВИДЕО)

„Сакам да се извинам на градот Велес за моето обраќање, бидејќи тоа што го кажав не го мислев. Мојот македонски јазик не е доволно усовршен, бев возбуден и поради тоа моите зборови се разбраа на начин кој и јас самиот не го оправдувам. Исламската вера и муслиманите никогаш не повикуваат на безредие и анархизам, туку повикуваат на соживот со комшиите и со останатите вери и нации. Се извинувам до македонската јавност“, рече вчера Фрат Мемедовски, застанат пред велешката Фазли Ахмет пашина џамија (кај велешани позната како Црна џамија), кој читајќи од телефон се извини за говорот во саботата на мирниот протест на дел од муслиманските верници од Велес, објави „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Мемедовски беше вториот говорник на протестот, кој се одржа бидејќи лице од Штип упатило погрдни зборови кон Алах. Додека првиот говорник објасни дека во Велес има добар соживот, но дека тие се навредени од кажаното и затоа бараат лицето да биде санкционирано од надлежните за говорот на омpaза, Мемедовски порача дека нивниот мирен протест е „строго предупредување“ до светот дека муслиманите нема да дозволат лош збор да биде кажан за Алах или Мухамед, бидејќи должност според Куранот им е да прават џиxaд, односно да вojуваат во името на Алах со тие луѓе што го навpeдуваат.

„Доколку вие правите еден апел да прави уште еднаш вакво нешто, да се прави вакво нешто, ние муслиманите ширум свет ќе станеме и ќе имаме некоја работа што ќе се преземе со радикален начин. Ова е една строга опомена, апел за сите што нѐ гледаат на овој медиум“, порача Мемедовски во говорот за кој вчера се извини.

- Реклама -