Рекреација во време на коpoнавиpус? Само ако сте на растојание од 10 метри, велат белгиски научници

Во време на глобална пандемија на коронавирус која надмина 1.5 милион регистрирани случаи ширум светот и рестриктивни мерки на движењето и секојдневниот живот во речиси сите држави, она што е заедничко за сите нив е дека граѓаните со несмалено темпо го користат убавото време за рекреација. Такви слики во изминативе две недели можеа да се видат и на скопскиот кеј на Вардар. Тоа нема да биде случај викендов, со оглед дека полицискиот час започнува од петок во 16 часот, а ќе трае сѐ до понеделник до 5 часот. Но, доколку не беше така, ќе беше ли безбедно?

Според група научници од белгискиот Универзитет во Левен и холандскиот Универзитет во Ајндховен, она што инаку се смета за безбедно растојание меѓу луѓето – од 1.5 до 2 метра – за да се спречи каплично пренесување на вирусот, во случај кога луѓето се во движење – не е доволно.

Тимот научници, предводен од Берта Блокен – која предава на двата универзитети, проучувал како се однесуваат капките од разните телесни течности кога телото е во движење. Во основата на експериментот е фактот што додека трча или вози точак, човекот се поти, подлабоко дише и со посилното издишување ги исфрла капките многу подалеку отколку обично.

Според ова нивно истражување, луѓето, додека одат едни зад други, би требало да одржуваат растојание од околу 4 метри, за да се остави простор капките да паднат на тлото. При трчање и лесно возење велосипед, луѓето би требало да бидат оддалечени 10 метри, а при брзо возење велосипед и до 20 метри меѓусебно растојание.

Сепак, други научници не се согласуваат со заклучоците на тимот на Блокен. Стивен Фергусон – експерт за динамика на движење на капки на Siemens, вели дека неправилно е така да се генерализира:

„За да биде симулацијата веродостојна, морате да ги земете во предвид различните облици на носни канали и шуплини кај луѓето и фактот дека не секој испушта еднакви количини и капки со иста големина. Тоа не може да се пресмета туку така, користејќи ги законите на аеродинамиката, а посебно не во така краток рок во време на ваква кpиза“, вели Фергусон, кој додава дека луѓето не треба да престанат да се рекреираат, но со многу поголема доза на внимателност отколку обично.

- Реклама -