Младата скопјанка што сама се пријави се излечи од коронавирус: Се чувствувам како најсреќниот човек на светот (ВИДЕО)

Михаела Јаневска од Скопје е излечена од коронавирусот и се чувствува како најсреќниот човек на светот. Таа беше една од првите потврдени заболени во земјава, а нејзиниот случај отскокнуваше од останатите (особено во споредба со случајот на директорката на Кожната клиника Нина Цаца Биљановска) затоа што сама се пријави уште веднаш по пристигнувањето во земјава и од авион директно се упати во болница, притоа одговорно однесувајќи се и во авионот, свесна дека има симптоми на Ковид-19.

„Откако се изборив со коронавирусот и ја напуштив болницата со два негативни теста, се чувствувам како најсреќниот човек на светот. Многу сум среќна што сум конечно дома, бидејќи своеволно отидов директно од авион во болница. Големо благодарам до сите доктори и медицински сестри кои се грижеа за мене и продолжуваат да се грижат за сите останати. Денеска пеам за сите нив и за сите пациенти кои се сѐ уште во болница. Ова е за вас ❤️ “, напиша Михаела на Фејсбук, пеејќи ја „Stand by me“.

Нејзината објава ја сподели и министерот за здравство Венко Филипче, кој пак ѝ заблагодари за одговорното однесување кон своите сограѓани, а со тоа и кон докторите.

„Голема благодарност и до тебе Михаела! Благодарам што го препознаваш трудот на здравствените работници и што си одговорна кон своите сограѓани“, напиша Филипче, потенцирајќи го токму фактот дека Михаела, која беше меѓу првите пациенти заболени од коронавирусот а денес е целосно опоравена, сама се пријави на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, веднаш по пристигнување на скопскиот аеродром и за време на целото патување носеше заштитна опрема.

- Реклама -