BMW го смени дизајнот на логото

По Volkswagen, уште еден германски автомобилски гигант направи измени на препознатливото лого.

Со премиерата на новиот i4, германскиот производител суптилно го претстави и новото лого на брендот BMW.

„Пропелерот“ уште е тука, но во изменет облик. Во BMW одлучија да го модернизираат препознатливиот знак на истиот начин како што тоа го направи ривалот Volkswagen – го поедноставија.

Сепак, експертите велат дека ова е најрадикалниот чекор на компанијата во изминативе 100 години.

Со ваквата модернизација сакаат да се доближат до помладата клиентела која израсна во дигиталното доба.

„BMW станува бренд со кој се поврзуваат младите. Стариот црн прстен за првпат го нема, сега новото лого зрачи со отвореност и јасност“, вели Јенс Тимер, потпретседател на BMW.

Паралелно со главното лого ќе се модернизира и логото на одделението М, како и подбрендот „i“. На сите заеднички им е дводимензионалниот пристап, кој според нив изгледа многу помодерно. Добрата вест е дека нема да стане обична налепница, туку претставено на автомобилите и понатаму ќе има „дебелина“, односно 3D финиш.

Ова е шеста промена на логото на BMW. Последен пат компанијата го направи тоа во 1997 година, но оваа е една од најрадикалните досега и прва во која се исфрла црниот прстен.

- Реклама -