Михајловски: Не знам како ќе живееме со ваква неспособна власт

,,Полицијата има индиции кој ги пали контејнерите низ Скопје. Имаме симултано палење контејнери на повеќе локации низ градот, во ист ден имаме пожари на четири планини, и тоа во ноември, од почеток на годината имаме околу 400 пожари на отворено. А полицијата има одредени индиции. Браво за индициите. Браво и за МВР, пишува Горан Михајловски во својата колумна на СДК.

Во серијата палежи на контејнери, еден беше запален и пред Генералштабот на АРМ во центарот на Скопје, главниот град на најновата членка на НАТО. Среде Дебар Маало, на тесна прометна улица, во близина на кафеаните каде што е ноќниот живот, и на десетина метри од стражарите на армијата и сообраќајците што ловат пијани гости.

Па ако некој имал таква храброст, па и време, незабележано да го полие контејнерот со бензин, па да го запали, и тоа пред Генералштабот на војската на НАТО, тогаш утре ќе има храброст и да фрли бомба на истата војска на НАТО. Затоа што никој не го фаќа. Никој не го казнува. Море, никој не го ни бара, а камоли да го фати, па уште и да го казни. Тоа навистина е сложена полициско-судска операција.

Туку, налет контејнерите. Во иста вечер беа запалени четири планини. Имаше шумски пожари во ноември. Од скара да не се потпалија истовремено и Осогово и Маврово и Крушевската корија и Шара?

Ако на подметнувачите на пожарите им било цел да докажат дека власта е неспособна, тогаш акцијата им е успешна. Докажаа. Неспособни се. Оти никого не фатија. И никого не спречија да продолжи да пали.

Ама, како ќе живееме ние со таа нивна неспособност? Ме плаши палењето. Ама, уште повеќе ме плаши што власта одбива да прифати да ги третира овие саботажи како безбедносно прашање. И палењето на шумите и палењето на контејнерите се уништување на јавното добро.

Плус, придонесува за дополнително енормно загадување на воздухот, кој ионака е веќе загаден, за што исто така никој не одговара. И бидејќи никој не одговара, и палењето и загадувањето и уништувањето на јавното добро станува нешто вообичаено. Секојдневие. Нормално е да се палат шумите, нормално е да се палат контејнерите… Нормално е да се пали државата.

Целата колумна прочитајте ја на сдк.мк

- Реклама -