„Макрон не е ниту голем, ниту толку Европеец“

Лидерите на најголемите политички групи во Европскиот парламент сложни во осудата на одложувањето на одлуката на ЕУ за зелено светло за пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија.

„На Балканот владее нестабилност, а ние можевме да внесеме доза стабилност, бидејќи тоа е наша одговорност… Многу баравме од тие земји, а сега им ја затворивме вратата пред носот. Го губиме кредибилитетот, и тоа сериозно“, порача лидерот на Европските народни партии – Манфред Вебер.

Тој укажа дека иронично е што сите лидери кои доаѓаат од конзервативните Европски народни партии на самитот во Брисел дале поддршка за проширувањето, додека само францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте – кои ѝ припаѓаат на либералната опција, биле „сами против сите“.

Лидерот на групата на европски либерали, од која се дел и француските пратеници од партијата на Емануел Макрон – Дачијан  Цилос, вели дека проширувањето мора да остане во cpжта на политиката на ЕУ.

„Не можеме да замислиме силна Европа, ако не е отворена вратата кон соседите, а посебно кон оние кои во неа веруваат можеби и повеќе од некои земји членки“, рече тој, додавајќи дека Европа мора да остане „мотор на демократските реформи“, а нејзината врата отворена.

Најсилните критики за францускиот претседател Макрон дојдоа, сепак, од „Зелените“. Нивниот претставник Филип Ламбертс го оцени прекршеното ветување од ЕУ како „сериозна грешка на Европскиот совет“ и повика да се направи вистинското нешто. За Макрон, тој рече:

„Ако се сеќавате, Емануел Макрон го поздравивме како голем Европеец. Како поминува времето, сфаќаме дека не е ни толку голем, ниту пак толку Европеец“.

Доналд Туск и Жан Клод Јункер – претседателите на Европската комисија и Европскиот совет во заминување, во своите посебни обраќања повторија дека неединството меѓу земјите членки и следствено недавањето зелено светло за преговори – се голема грешка. Јункер предупреди дека ако ЕУ не се придржува кон дадените ветувања, никој на светот веќе нема да ја почитува. Туск изрази надеж дека „лидерите ќе ги извлечат правите заклучоци“ кога ќе разговараат за европроширувањето и пристапниот процес пред самитот во Загреб планиран за мај 2020 година.

- Реклама -