Заев на „Фејсбук“: Ова е неповторливо време за нашата земја

„Ова е неповторливо време за нашата земја, следна членка на НАТО сме, очекуваме позитивна одлука од ЕУ, тоа се можности за уште поголем економски развој и бенефити за граѓаните“, објави денеска премиерот Зоран Заев на Фејсбук, сумирајќи го своето обраќање на вчерашната Конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија, која се одржа во МНР.

„Голема благодарност и за почесните конзули за сѐ што прават во подобрувањето на имиџот на Северна Македонија и воедно ги повикувам во претстојниот период посебно да партиципираат во позитивните процеси, во економските придобивки и развојот на државата“, додава Заев во постот.

„Очекуваме, не подоцна од оваа година, дека конечно ќе добиеме позитивна одлука од Европската унија, бидејќи скоро 14 и пол години чекаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, што е многу важно за нас. Главниот проблем што `не спречуваше во минатото беше прашањето со Грција, но сега по решението постои многу мотивација внатре во земјата што резултираше со огромен успех во реформскиот процес, заедно со опозицијата. Донесовме и нови регулативи коишто се потврдени од Европската комисија и даваат многу јасна препорака да се почнат преговори со ЕУ. Исто така би сакале да го продолжиме овој моментум на мотивација во нашава земја и да продолжиме со позитивната насока што е многу важно за животот, директно има влијание врз економската состојба, врз животот на граѓаните, но и врз целиот поширок регион во Западен Балкан“, рече вчера, меѓу другото, премиерот Заев.

Тој потсети дека Северна Македонија во 2020-та ќе стане полноправна членка и уште еднаш ги повтори придобивките од членството во НАТО, но исто така и од Европската унија:

„ … И секако тука е Европската унија којашто за нас значи поголема трансформација и подобрување на демократските состојби и станување на вистинска европска земја со европски вредности. Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската унија, за да се одржи и нашата мотивација, да продолжиме да работиме и да се движиме во оваа насока. Да го започнеме процесот на преговори со ЕУ – тоа е едно патешествие кое што ќе нѐ трансформира да станеме подобра земја, а ќе ни даде и поголема мотивација за идната економска соработка на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Некој нѐ нарече светлечка земја, ѕвезда на Балканот, што е еден вид и потврда за амбиентот за чувството во Европската унија, затоа што ние навистина работиме напорно заедно со опозицијата, изгласавме многу нови закони и регулативи и мислам дека тоа ќе придонесе позитивно кон нашата држава, особено регулативите поврзани со правосудството, со борбата против корупцијата, како и подобрување на безбедноста на државата. И тоа исто така ќе мотивира уште повеќе бизнисмени и граѓани да работат уште подобро во Република Северна Македонија“, порача премиерот во обраќањето.

- Реклама -