Цивилизацискиот пораз по фотографијата од детето и мршојадецот

„Мршојадецот и малото девојче“ или „Девојчето кое се бори“ е фотографија на Кевин Картер, која првпат се појави во „Њујорк тајмс“ на 26 март 1993 година. Подоцна се тврдеше дека на фотографијата всушност е момче кое, совладано од гладот, колабирало на земјен пат додека мршојадецот го набљудува.

Момчето се обидувало да стаса до центарот на ОН во Ајод во Јужен Судан, каде што имало кујна за гладни. Фотографијата доби Пулицерова награда во 1994 година.

Деталите за тоа што се случило во моментот кога настанала фотографијата, но и потоа, сигурно се една од најсложените приказни за човековото патење во модерната доба.

Картер во Судан имал задача да фотографира гладни луѓе, а идејата била во рамките на меѓународен обид да се запре гладувањето и да се подигне свеста на луѓето за тој проблем.

Откако ја направил фотографијата, која предизвикува мачнини и ужас, многумина го нападнаа критикувајќи го како можел како нем набљудувач да ја фотографира таа глетка и зошто наместо да фотографира, не му помогнал на детето. Неговото самоубиство, до кое дошло набрзо, е дополнителен удар во оваа приказна.

Основните детали се следните: детето тргнало кон кујната во центарот на ОН, застанало да се одмори, исцрпено од гладот. Неговите родители веројатно отишле до центарот за да можат што побрзо да земат храна. Детето лежело неподвижно и им го привлекло вниманието на мршојадците.

Картер раскажал дека направил неколку снимки, а потоа ја избркал птицата. Тоа не е комплетна вистина, не е ни делумна вистина.

Подоцна друг фотограф откри дека процесот на настанување на фотографијата бил малку подолг отколку што кажал Картер. Самиот Картер подоцна признал дека сцената ја набљудувал околу 20 минути. Чекал мршојадецот да се приближи повеќе до детето, надевајќи се дека ќе ги рашири крилјата за да може тој да направи подраматична фотографија. Бидејќи тоа не се случило, Картер ја направил фотографијата и ја избркал птицата.

Не му помогнал на детето и никој не е сигурен што се случило со него потоа. Картер изјавил дека во споредба со она што го видел во Судан во текот на тие години, ситуацијата на ова дете не била ништо поразлична.

Гладот не бил невообичаена појава во Јужен Суден. Информацијата дека гладот владеел само таа година кога настанала фотографијата е погрешна. Оваа земја била зафатена од глад во 90-тите години од минатиот век. Луѓето масовно умирале од глад. Ситуацијата била неподнослива за сите, а особено за некој што морал одблизу да го гледа патењето преку објектив.

Целата статија на факултети.мк

- Реклама -