Изјавата на Верушевски за „бомбите“ е резултат на неговата разочараност од случувањата со СЈО, вели Заев

Изразите „модифицирани“ и „манипулирани“, за материјалите од прислушуваните разговори, советникот за национална безбедност Зоран Верушевски ги употребил под влијание на разочараноста од случувањата околу СЈО, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Гласот на Америка“, прашан за сведочењето на Верушевски кое засега останува недообјаснето и кое ја разбранува јавноста, а го инспирираше и Груевски да воскликне дека „вистината излегува на виделина“.

Заев додаде и дека е во секојдневна комуникација со своите советници, меѓу кои и Верушевски, и порача дека треба да се остави вистината да биде дообјаснета во второто рочиште. Премиерот потсети дека автентичноста на разговорите досега не беше оспорена ниту од самите обвинети, како и дека била потврдена од форензиката.

Што се однесува до исказот на Верушевски дека материјалите ги давал на СДСМ, според Заев тоа не се коси со исказите на Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои велат дека материјалите му ги предавале на Верушевски.

„Тие се предадени на Социјал демократскиот сојуз, но задолжено лице во СДСМ е шефот на Комисијата за безбедносни политики на СДСМ, Зоран Верушевски. Така што, тој го гледа повеќе формалниот аспект“, вели Заев, повторувајќи дека треба да се почека вториот дел од сведочењето, на 10 октомври. Целото интервју прочитајте го ТУКА.

- Реклама -