Елмас влезе во одбраното друштво за најдобар млад фудбалер на светот

Македонскиот фудбалски талент, Ељиф Елмас, ова лето се реши да направи голем чекор во својата кариера и да го засили италијанскиот гигант Наполи.

По двете одлични сезони во редовите на Фенербахче, голем број на европски клубови беа заинтересирани за услугите на македонскиот репрезентативец, но најконкретен во понудата беше тимот од Неапол, каде Елмас веќе се наметнува како важна алка во ростерот на Карло Анчелоти.

Елиф Елмас е роден во Скопје, од родители со турско потекло. Израснат е во скопската населба Бутел. Својата фудбалска кариера ја започнал во фудбалската школа Форца Вардар од каде потоа се преселил во Работнички каде станал професионален фудбалер.

Добрите партии во дресот на Наполи го натераа италијанскиот медиум „Тутоспорт“ да го смести во одбраното друштво на млади талентирани фудбалери кои оваа година ќе се борат за признанието најдобар млад фудбалер на светот.

Конкуренцијата во најдобрите 40 е огромна, конкуренти на Елмас ќе му бидат фудбалери како Џејдон Санчо, Жоао Феликс, Матијс Де Лихт, Винициус, Фил Фоден…, а минатата сезона наградата заврши во рацете на новиот дефанзивец на Јувентус, Де Лихт.

Во минатото за најдобри млади фудбалери на светот биле прогласувани Меси, Стерлинг, Фабрегас, Руни, Погба, Гетце, Мбапе…

- Реклама -