30-тина илјади евра годишно не и беа доволни

Притвор од 30 дена вечерва и е одреден на специјалната обвинителка Катица Јанева, како третоосомничена во случајот „Рекет“. Притворот го побара обвинителството за организиран криминал. Судија на претходна постапка и ја изрече оваа мерка по речиси четиричасовен распит.

„Во овој момент сметавме заедно со јавниот обвинител на Република Северна Македонија дека е неопходна оваа мерка. Истрагата може да трае максимално шест месеци и во тој рок треба да се подигне обвинение“, рече обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска непосредно по изрекувањето на мерката за Јанева.

Јанева е осомничена во случајот „Рекет“ заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, дека се обиделе да изнудат осум милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој се сомничи за перење пари и за други кривични дела во случајот на СЈО „Империја“. Во замена, Камчев требало да добие олеснителни околности или откажување од гонење.

Јовановски и Милевски беа уапсени пред повеќе од еден месец, кога од обвинителството за гонење на организираниот криминал изјавија дека се истражува и улогата на еден јавен обвинител.

Русковска рече дека во тој момент не можеле да побараат притвор за Јанева бидејќи се што имале е телефонски разговор на кој се слушал нејзиниот глас, но со дополнителната истрага обезбедиле повеќе докази.

Претходно денеска, на прес-конференција јавниот обвинител Љубомир Јовески рече дека се потврдиле нивните сомнежи дека јавниот обвинител ја злоупотребил својата положба и дека без да се променат околностите го укинал притворот на Камчев и го заменил со домашен притвор, а потоа му ги вратил и привремено одземените патни исправи. Според Јовески, на Камчев му се нуделе различни олеснувања во истражната постапка, да стане заштитен сведок, да се запре постапката против него или да помине со спогодба за полесни кривични дела и да плати незначително обесштетување.

„Јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите и за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавил имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети – мебел во износ од 298.000 денари, кои за јавниот обвинител ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавил имотна корист од 1.500.000 евра“, образложи Јовески пред медиумите.

Полициски возила денеска околу 13 часот пристигнаа во домот на Јанева, од каде ја пренесоа специјалната обвинителка во просториите на СЈО. Според образложението од обвинителството за организиран криминал, таму биле за да го одземат нејзиниот службен компјутер. Потоа се вратија во нејзиниот дом за да го одземат мебелот што наводно го добила како надомест за ослободување на Камчев. Оттаму ја пренесоа во судот, каде што беше на распит неколку часа, а во еден момент таму беше донесено и амбулантно возило.

Паралелно со истрагата на обвинителството, и Управата за јавни приходи најави контрола во фирмите и организациите што се поврзани со случајот „Рекет“, како „БЈМ Медиа Груп“ (фирмата-сопственик на 1ТВ)и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

- Реклама -