КПУ Шутка го демантира српски „Курир“: Боки 13 не барал да биде преместен на психијатрија

Боки 13 и Зоки Кичеец се во добра здравствена состојба, не бараат да одат на прегледи и се однесуваат примерно, велат за „А1он“ од управата на затворот „Скопје“ во Шутка, каде двајцата осомничени во „Рекет“ ги одлежуваат вторите 30 дена притвор.

Оттаму ги демантираат и написите објавени во српски „Курир“, како и други српски, но и локални медиуми, дека Боки 13 барал да биде преместен на психијатрија. Според весникот, Боки 13 тоа го побарал во порака испратена до државниот врв на Македонија во рок од 3 дена, а во спротивно се заканил дека ќе изнесе во јавност докази за вмешаноста на државниот врв во рекетирањето, вклучително и круцијални докази против премиерот Зоран Заев. Од КПУ во Шутка демантираат и дека Боки 13 побарал да комуницира со јавноста, а тврдат дека и не ни постои начин тоа да го направи.

Во текстот на „Курир.рс“, кој е дел од низата непоткрепени шпекулации што доаѓаат од српска страна за „Рекет“ и за вмешаноста на премиерот Заев во аферата, пишува и дека екипа на Брза помош секој ден доаѓала кај Боки 13 во затворот, како и дека тој постепено се жалел дека не му било добро и примал инекции за смирување.

- Реклама -