3.000 евра субвенција за граѓаните кои старите возила ќе ги заменат со возила со еколошки стандард од ЕУРО 5 и нагоре

По 3000 евра субвенција ќе добијат заинтересираните граѓани кои би купиле ново или старо возило кое ги исполнува еколошките стандарди, предвидува новата законска регулатива. Целта на истата е граѓаните да ги одјават старите возила и да ги заменат со возила со стандард ЕУРО 5 и нагоре.

Како што објасни Министерот за економија – Крешник Бектеши, во интервју за ТВ „Алсат“, субвенциите се наменети за граѓаните кои ќе се откажат од своите возила со стандард ЕУРО 2 и 3, и ќе ги заменат со возило со минимум ЕУРО 5 стандард, но под услов цената на возилото да не надминува 10 до 12 илјади евра, бидејќи предвидено е да се субвенционира 20 до 30% од цената, при што субвенцијата не може да надминува 3.000 евра.

Како што објасни Бектеши, тоа не значи дека граѓаните ќе мораат да купат ново возило од салон, туку субвенциите ќе важат и за купени половни возила, сè додека купеното возило го задоволува наведениот еколошки стандард.

Како што претходно најави Бектеши, оваа мерка како дел од новиот закон за моторни возила може да стапи на сила уште во 2019, зависно дали тоа ќе биде предвидено во ребалансот на буџетот. Во спротивно, мерката ќе започне од 2020 година.

Целта на ваквата мерка е, се разбира, да се намали загадувањето, да се зголеми увозот на нови, наместо на стари возила, но и да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намалат трошоците за одржување на возилата.

Неофицијално, се размислува и за субвенционирање на граѓаните кои наместо бензин ќе користат плин.

- Реклама -