Не баш паметно решение: Еве што се случува кога ќе забраните пластични кеси

Помина една година откако големите маркети во Австралија, под притисок да го намалат пластичното загадување, ги забранија пластичните кеси за пазарување во своите продавници. Според Coles и Woolworths, кои забраната ја воведоа во јули 2018-та, со тоа депониите биле поштедени за околу 4.7 милијарди кеси за една употреба.

Но, Ребека Тејлор, професор по економика на Универзитетот во Сиднеј, не е така убедена дека мерката вродува со посакуваниот резултат. Напротив, таа сугерира дека забраната на пластичните кеси можеби дури и дополнително го влошува проблемот со глобалното загадување со пластика.

Во своето истражување, Тејлор ги анализирала ефектите што забраната на кесите го имала во Калифорнија, споредувајќи ги бројките пред и по нивното исфрлање од употреба. Заклучокот е следниов: Забраната значително го намалила бројот на пластични кеси за пазарување, но вртоглаво ја зголемила продажбата на кеси за ѓубре (забраната нив не ги вклучува од едноставна причина што нема соодветно добра алтернатива за оваа намена).

„Сметам дека намалувањето од 40 милиони фунти пластични кеси ја промашува реалната слика за околу 12 милиони фунти зголемување на продажбата на кеси за ѓубре“, вели таа.

Според нејзините наоди, по забраната, продажбата на мали кеси за ѓубре се зголемила за 120 отсто. Продажбата на медиум кеси за ѓубре се зголемила за 64%, а продажбата на големи – за 6%.

Тејлор истакнува и дека пред регулативите, меѓу 12 и 22% од купувачите ги реупотребувале пластичните кеси за пазарење – како кеси за ѓубре низ домот. Со оглед на тоа дека значителен дел од пластичните кеси за пазарување веќе се реискористуваа на начин што не бара производство и купување на нова пластична кеса, регулативите кои ги игнорираат нуспојавите, како оваа, ги преценуваат позитивните ефекти за сметка на негативните, и можат да прават повеќе штета отколку добро, вели таа.

Во изјава за „Sunrise“, Тејлор вели дека дури 30% од елиминираните пластични кеси со забраната, се враќаат во форма на кеси за ѓубре. Потсетува и дека кесите за ѓубре генерално содржат повеќе пластика, потешки се, и често се обоени и парфимирани, што значи дека содржат повеќе хемикалии во себе.

„Ако не ги земаме во предвид дебелината и типовите на кеси што ги користиме како замена, лесно можеме да ги прецениме бенефитите од ваквите полиси“, предупредува таа.

- Реклама -