Кениецов ниже медали и тврди дека има 17 години (ВИДЕО)

Кениецот Едвард Закајо Пингуа во неделата сензационално победи на трката на 5.000 метри во Дијамантската лига во Рабат и инстантно се најде во центарот на светската (не само спортка) јавност.

Од една страна, Пингуа има само 17 години и суверено ги победи поискусните колеги, од кои некои се и 20 години постари. Од друга страна, малкумина веруваат дека Кениецот има 17 години, судејќи по неговиот изглед.

Меѓутоа, во документите нема дилема – Пингуа е роден на 25 ноември 2001 година. Од неговиот клуб Бенфика потврдуваат дека податоците се точни, а истото го тврди и Олимпискиот одбор на Кенија. И Меѓународната атлетска федерација (IAAF) ја верифицираше неговата возраст, па Пингуа се натпреваруваше и на Светското првенство до 18 години, во 2017-та година, каде беше втор, а потоа и на Светското до 20 години, лани, каде победи. Во својата кратка кариера тој го освои и Африканското првенство во конкуренција на сениори (2018 година) и Африканското првенство во конкуренција до 20 години, одржано оваа година.

Ако случајно не се покаже дека неговите години се лажни, многу веројатно е да гледаме во иден светски првак. Во меѓувреме Пингуа не им посветува внимание на дилемите околу неговата возраст и е целосно фокусиран да остави свој печат во атлетската историја. Сезонава, на пример, беше блиску трката од 5.000 метри да ја истрча за помалку од 13 минути. Во Рим постави време од 13 минути и 3 секунди.

- Реклама -