Младите Арапи сè помодерни и нерелигиозни, но сè уште сакаат да го имаат главниот збор во домот

Сè повеќе Арапи тврдат дека не се религиозни, а поголема отвореност се забележува и по широк спектар на прашања кои до неодамна беа табу теми за тоа подрачје, почнувајќи од женските права и миграцијата, па до безбедноста и ceкcyалноста, покажува најновото истражување на арапската истражувачка мрежа „Барометар“, кое е едно од најтемелните направени во последно време на Блискиот Исток и северна Африка.

Во анкетата учествувале повеќе од 25.000 луѓе во десет земји, но и на палестинските територии, во периодот од крајот на 2018-та до пролетта 2019-та.

Според одговорите, од 2013-та наваму бројот на луѓе кои се идентификуваат како „нерелигиозни“ пораснал од 8 на 13%. Најголем пораст има кај луѓето помлади од 30 години, кај кои „дури“ 18% се изјаснуваат како нерелигиозни. Пад во оваа категорија има само во Јемен, пренесува BBC.

Исто така, поголемиот дел од анкетираните го поддржувале правото на жена да стане премиерка или претседателка. Исклучок е Алжир, каде жена-претседателка е прифатливо за помалку од 50% од испитаниците.

Сепак, кога станува збор за семејниот живот, мнозинството, вклучително и голем број од жените, смета дека мажите секогаш треба да го имаат конечниот збор во семејните одлуки. Во Мароко тоа е став на речиси половина од анкетираните.

И прифаќањето на xoмоceкcyалноста варира од земја до земја, но не може да се рече дека во било која од овие земји е прифатена. Во Либан, која важи за полиберална од соседните земји, само 6% од анкетираните сметаат дека иcтопoлoвитe вpcки се прифатливи.

 

На сосема друга тема, во сите од анкетираните земји, американскиот претседател Доналд Трамп е на последно место од аспект на популарност на светските лидери. Наспроти тоа, во седум од анкетираните земји половина и повеќе од анкетираните би го поздравиле доаѓање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со тоа што во Либан, Либија и Египет попопуларна е политиката на Владимир Путин, отколку на Ердоган.

Прашањето на безбедноста е едно од оние кои најмногу ги мачи најголемиот дел од жителите на Блискиот Исток и северот на Африка. Прашани за тоа која земја е најголема зaкaнa за нивната стабилност и национална безбедност, испитаниците одговараат дека тоа е Израел, а веднаш по него се САД. За трета најопacна земја ја сметаат Иран.

Во секоја од овие земји, барем 1 од 5 лица размислува за заминување од земјата. Во Судан состојбата е најдраматична по ова прашање. Во голема мера како миграционен фактор се наведуваат економските причини.

- Реклама -