Ви треба Американска амбасада? Ќе ја најдете во McDonald’s

McDonald’s и Американската амбасада во Виена ги здружија силите со цел што подостапна помош за Американците во Австрија кои ќе се најдат во неволја. Американските туристи сега ќе можат да отидат во било кој од 194-те ресторани на McDonald’s низ Австрија и од таму да ја контактираат амбасадата. Несекојдневното партнерство меѓу ланецот за брза храна и американската амбасада официјално почна во средата на 15 мај.

На друштвените мрежи многумина ја дочекаа веста со шеги. „Да, зашто кога ќе го изгубиш пасошот, компирчиња и те како знаат да те смират“, коментираат некои. На други им е смешно што токму McDonald’s e избран за партнерството, со оглед дека Американците важат за една од најдебелите нации на светот.

Сепак, ваквата соработка не е прва од ваков тип, а кога ќе се тргнат шегите на страна, многумина се согласни и дека всушност е многу добра идеја.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент порача дека безбедноста и добросостојбата на американските граѓани во странство е нивна најголема одговорност, оценувајќи дека соработката со McDonald’s дефинитивно ќе ѝ олесни на амбасадата во квалитетното исполнување на таа обврска:

„За да им помогнеме на нашите граѓани во странските земји, одвреме навреме соработуваме и со приватниот сектор. Преку овој проект граѓаните на САД, ако се најдат во неволја, можат во било кој McDonald’s во Австрија да стапат во контакт со американската амбасада“, вели тој.

- Реклама -