Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Зоран Заев

Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена против ослободителната пресуда што Основниот суд Скопје 1 му ја изрече на премиерот Зоран Заев за случајот „Поткуп“, како неоснована.

„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-27/18, во јавноста познат како ‘Поткуп’, по одржана нејавна седница, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр.62/16 од 21.05.2018 година.

Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, соопштија од Апелација.

Заев беше обвинет поради барање поткуп од 160.000 евра за продажба на државно градежно земјиште додека бил градоначалник на Струмица. Тој, пак, обвинуваше дека се работи за монтиран случај, со цел да биде заплашен и спречен да ги објави „бомбите“ од прислушкуваните разговори.

 

- Реклама -