Разорниот јужнокорејски земјотрес од 5.4 степени го предизвикала експериментална геотермална електрана

Владината комисија, формирана по барање на јужнокорејскиот претседател, заклучи дека земјотресот со магнитуда од 5.4 степени што го погоди градот Поханг на 15 ноември 2017-та, бил веројатно предизвикан од експериментална геотермална електрана.

За разлика од конвенционалните геотермални електрани, кои црпат енергија директно од топлите подводни води или камени карпи, електраната во Поханг вбризгала течност под висок притисок во земјата (fracking) за да го распука камениот слој и притоа да се ослободи топлина – технологија уште позната и како „напреден геотермален систем“ (т.е. Еnhanced or engineered geothermal system, EGS). Ваквиот притисок предизвикал мали земјотреси што влијаеле врз блиските пукнатини во тлото и довеле до предизвикување на поголемиот споменат земјотрес со магнитуда од 5.4 степени, велат од Комисијата.

Тој земјотрес е вториот најсилен што ја има погодено Јужна Кореја и најдеструктивниот во модерната историја – повредени беа 135 луѓе, а предизвика штета од околу 290 милиони долари. Министерството за трговија, индустрија и енергија, кое го фундираше проектот за електраната, објави соопштение во кое вели дека ги признава наодите на комисијата и изразува „длабоко жалење“ до граѓаните од Поханг кои настрадале или биле афектирани од земјотресот.

Министерството исто така порача дека ќе ја демонтира електраната, ќе го врати локалитетот во првобитната состојба и ќе инвестира 225.7 милијарди вони (јужнокорејска валута, околу 199 милиони долари) за поправка на инфраструктурата во најпогодените региони.

Резултатите од истражувањето на Комисијата се совпаѓаат со наодите во двете студии објавени во „Science“, кои исто така сугерираа дека геотермалната електрана го предизвикала земјотресот.

Поврзаност на земјотресите со геотермалните централи има и во други делови на светот. Сепак, овој во Поханг е убедливо најсилниот поврзан со овој вид на централа – 1.000 пати помоќен од земјотресот со магнитуда од 3.4 степени предизвикан од централата во Базел, Швајцарија, во 2006-та.

Nature

Прочитајте и: КАКО ЧОВЕШТВОТО ПРЕДИЗВИКУВА ЗЕМЈОТРЕСИ (И ЗОШТО РИЗИКОТ СЕ ЗГОЛЕМУВА)

- Реклама -