Андов обвинува за преседан: По тужба од Фрчкоски, забранета неговата книга за атентатот на Глигоров

Со одлука на Основниот суд Скопје-2, донесена е привремена мерка за забрана на продажбата и располагањето со книгата на Стојан Андов, насловена „До атентатот и по него“, во која тој имплицира вмешаност на Љубомир Фрчкоски, па и Бранко Црвенковски, во атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров. Ваквата одлука судот ја донел „поради повреда на личните права“ на тужителот Љубомир Фрчкоски.

„Книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета“, вели адвокатката кој го застапува Фрчкоски – Ирена Фрчкоска, за „Либертас“.

Таа признава дека ова е прва ваква одлука кај нас, но смета дека е целосно основана и единствената правилна можна одлука во случајот.

Андов, пак, е изненаден од одлуката на судот.

„Ова е неверојатна работа, од новинарите слушнав дека книгата по наредба на судот е забранета за продажба. Ова прв пат се случува кај нас, апсурдно е. Кај нас се продаваат секакви книги, а мојата ја забрануваат. Не знам што друго да кажам освен дека е голем преседан и бесмислица, вели тој за за „Фокус“.

„Немам поим што значи ова. Јас не продавам книги, издавач е ‘Матица македонска’. Како може на нетужен субјект да му изречат забрана?“, прашува Андов во изјава за „Плусинфо“.

Сепак, неговиот краен став е дека ова е судска одлука и работа на судот, па нема да ја коментира преку медиуми.

- Реклама -