Советник на Путин до Американците и Западот: Не во изборите, Русија ви се меша во главата и свеста

Американците кои се загрижени околу руското мешање во изборите треба да престанат да се фокусираат на такви тривијалности и наместо тоа да сфатат дека живеат во една голема илузија, порачува во колумната за „Независимаја Газета“ Владислав Сурков, советник на рускиот претседател Владимир Путин. Според него, најголемата илузија е самата идеја дека имаат избор во тоа како се управувани.

„Илузијата на избор е најважната илузија, главниот трик на Западниот начин на живот и посебно на Западната демократија. Одбивањето на оваа илузија во полза на реалноста – дека сè е предодредено, му овозможи на нашето општество да се сврти и загледа кон себе и кон својата сопствена, специјална, суверена верзија на демократски развој, а потоа и кон тоа целосно да изгуби интерес за дискусиите за тоа што демократијата треба да биде и дали во принцип треба да биде“, пишува Сурков. „Патиштата на слободното градење на државата беа отворени, наметнати не од увезени химери, туку од логиката на историските процеси. Невозможното, неприродното и анти-историското распаѓање на Русија, иако со задоцнување, беше цврсто запрено. По падот од нивото на СССР до нивото на Руската Федерација, Русија престана да колабира и почна да закрепнува и да се враќа во нејзината природна и единствена можна состојба – како голема нација и заедница од нации во подем“, продолжува Сурков. „Нескромната улога што ѝ е припишана на нашата земја во историјата на светот не ни дозволува да ја напуштиме сцената или да останаме тивки меѓу толпата… Тоа не ветува мир“.

„И сега – државата Русија продолжува, и сега ова е држава од нов тип, кој сè уште сме го немале. Формирана целосно од почеток и од нула, сè уште е недоволно проучена, но нејзината оригиналност и функционалност се очигледни. Стрес тестовите, која ги помина и ги поминува, покажуваат дека баш таков природно формиран модел на политичка структура ќе биде ефективно средство за преживувањето и кревањето на руската нација во следните не само години, туку и декади, а најверојатно и преку целиот претстоен век“.

Во колумната, Сурков ја изнесува Путиновата визија за враќањето на Русија на заслужената позиција како глобална суперсила, но и извозот на „Путинизмот“ како идеологија која би била прифатена ширум светот.

„Путиновата голема политичка машина допрва зема залет и се загрева за долга, тешка и интересна работа“, продолжува советникот. „Нејзиниот аутпут во полн капацитет е сè уште далеку, па затоа Русија ќе биде Путинова држава и многу години подоцна, исто како што Франција сè уште се нарекува Петтата република на Шарл де Гол, Турција сè уште се потпира на идеологијата на Кемал Ататурк и САД сè уште се повикуваат на сликите и вредностите од нивните полулегендарни татковци основачи. Неопходно е да се разбере, сфати и опише Путиновиот систем на владеење и генерално целиот комплекс од идеи и димензии на Путинизмот – како идеологија на иднината. Тоа треба да се направи не во стилот на двојна пропаганда, нашата и нашата, туку на јазик што и руските и анти-руските официјални актери ќе го сметаат за умерено еретички. Таквиот јазик може да стане прифатлив за значително поголема публика, што е и потребно, бидејќи политичкиот систем создаден во Русија е погоден не само за домашната иднина, туку има и јасен извозен потенцијал. Побарувачката за истиот или за неговите индивидуални компоненти веќе постои, истиот веќе се проучува, но делумно и се посвојува, и од владејачките, и од опозиционите групи во многу земји“, констатира Сурков.

„Странските политичари на Русија ѝ припишуваат мешање во изборите и референдумите ширум светот. Всушност, проблемот е посериозен, – Русија се меша во нивните мозоци, и тие не знаат што да прават со нивната сопствена променета свест. Откако по пропаднатите ’90-ти нашата  земја се откажа од идеолошки заеми и почна да создава значење и се префрли на инфромациона контраофанзива кон Западот, европските и американските експерти почнаа сè почесто да грешат во нивните прогнози. Тие се изненадени и бесни поради паранормалните преференци на електоратот. Збунети, тие прогласија инвазија на популизам. Веројатно можете да го наречете така, во недостаток од зборови.

Во меѓувреме, интересот на странците за рускиот политички алгоритам е разбирлив – нема пророк во нивните татковини, а сè што денес се случува со нив во Русија е одамна предвидено.

Кога тие беа сè уште луди за глобализацијата и зборуваа за рамен свет без граници, Москва јасно ги потсети дека сувереноста и националните интереси се значајни. Во тоа време, многумина нè обвинуваа за ‘наивно’ држење до овие стари нешта, наводно долго излезени од мода. Нè учеа дека нема ништо вредно во вредностите од 19-от век и дека мора храбро да зачекориме во 21-от, каде наводно нема да има суверени нации и национални држави. Во 21-от век, меѓутоа, излезе по наше. Англискиот Брегзит, американското „#greatagain“, анти-имиграциското оградување на Европа… се само првите знаци на долга листа на видливи манифестации на де-глобализација, ре-суверенизација и национализам.

Кога на секое ќоше Интернетот беше славен како недопирлив простор на неограничена слобода, каде секој наводно може да прави сè што сака и секој наводно е еднаков, и Русија беше таа што го постави освестувачкото прашање кон заблуденото човештво: A што сме ние на мрежата – пајаци или муви?, тогаш сите побрзаа да ја разоткријат Мрежата, вклучувајќи ги и највљубените во слободата бирократии, и да го обвинат Фејсбук за соучество во странските интервенции. Одеднаш, виртуелниот простор рекламиран како прототип на претстојниот рај – стана заробен и окупиран од сајберпoлициjата и сајберкpиминалот, сајбершпиoнитe, сајбертepopиcтите и сајберморалистите.

Кога хегемонијата на „хегемонот“ не беше предизвикана од никој и Американскиот сон за светска доминација беше речиси исполнет и сите го замислуваа крајот на приказната со финална забелешка дека „луѓето молчат“, еден говор (на Путин) во Минхен одеднаш одекна во тишината. Тогаш се чинеше како диcидeнтcки, но денеска сè изразено во него се чини како да било земено здраво за готово – денес сите, вклучувајќи ги и самите Американци, се незадоволни од Америка.

Не многу одамна, малку познатиот термин derin devlet од турскиот политички речник беше присвоен од американските медиуми, преведен на англиски како „длабока држава“. Терминот означува ригидна, апсолутно недемократска организациона мрежа на реалната моќ и структури на моќ скриени зад надворешните, изложени, видливи демократски институции. Механизам кој во пракса делува преку нacилcтво, пoткyп и манипулација длабоко скриени под површината на граѓанското општество.

Американците не беа посебно изненадени таму ја најдоа „дип стејт“, бидејќи долго беа свесни за нејзиното постоење. Кога има „дип нет“, „дарк нет“ и „дарк веб“, зошто да нема и „дип“, па и „дарк стејт“? Од длабочините и темнините на оваа заткулисна моќ, излегоа светлите илузии за демократијата направени за масите – илузијата на избор, чувството на слобода, чувството на супериорност итн.

Недовербата и зависноста, кои демократијата ги користи како примарен извор на општествена енергија, неизбежно доведоа до апсолутизација на критицизмот и зголемување на нивото на анксиозност. Хејтерите, троловите и злoбнитe бoтoви кои им се придружија, формираа пискаво мнозинство кое ја измести од доминантната позиција чесната средна класа која еднаш ги постави работите многу поинаку.

Сега никој не верува во добрите намери на јавните политичари, на таквите им се љубомори и затоа ги сметаат за подли, итри луѓе, па дури и кoпилињa. Славните политички серии како House of Cards ја опишуваат сликата на секојдневниот живот на естаблишментот.

На неранимајко не смее да му се дозволи да оди предалеку поради простиот факт што е неранимајко. А кога кругот е составен претежно од неранимајковци, за да го замените неранимајкото морате да изберете друг неранимајко… Притоа има широк избор на неранимајковци и деликатни правила дизајнирани да ја намалат нивната меѓусебна борба до горе-доле ист резултат. Оттука произлегува корисниот систем на проверки и баланси – динамичката рамнотежа на подлоста, рамнотежата на алчноста, хармонијата на измамата. Ако некој сè уште се однесува нехармонично, будната „дип стејт“ ќе побрза да го спаси (балансот) и со својата невидлива рака ќе го повлече одметникот кон дното.

Нема ништо посебно ужасно во предложената слика за Западната демократија, но доволно е мала промена на аголот на гледање за повторно да стане страшна. Но горчливиот вкус останува, па Западниот човек почнува да ја врти главата во потрага по други модели и начини на постоење. И одеднаш ја гледа Русија…

… Нашиот систем“, пишува Сурков, „во целина не изгледа, се разбира, многу поелегантен, но изгледа многу поискрен и почесен. И иако не секаде во светот ‘поискрен’ значи и ‘подобар’, сепак не е без своја привлечност.

Нашата држава не е поделена на длабока и надворешна, туку е изградена целосно, со сите свои делови и манифестации на виделина. Најбруталните дизајни на нејзината моќ одат заедно со фасадата и не се покриени од некакви структурни вишоци. Бирократијата, дури и кога се служи со измама, не го прави тоа многу внимателно и не тргнува од претпоставката дека секој разбира сè. 

Високата внатрешна тензија што произлегува од огромните хетерогени простори, како и константното присуство во средиштето на геополитичката борба, ја прави функцијата на војската и полицијата важна и одлучувачка. Тензиите по традиција не се кријат, туку напротив, тие демонстрираат дека Русија (речиси) никогаш не била водена од трговци кои го сметаат војувањето за помалку важно од трговијата, како и нивните придружни трговци либерали чие учење е негирање на сè. Нема никој да ја потопи вистината со илузија, криејќи ја подлабоко од видливата држава, за да биде инструмент за напад или одбрана.

Нема длабока држава во Русија, сè е на видик, но затоа има длабока нација и длабоки луѓе“, пишува Сурков.

„ … Со нивната гигантска супер-маса, длабоките луѓе создаваат неодолива сила на културална гравитација која ја поврзува нацијата… Кое и да е значењето на нацијата, таа ѝ претходи на државноста и ја предетерминира нејзината форма, ограничувајќи ги фантазиите на теоретичарите, а предизвикувајќи ги практичарите на одредени потези. Тоа е моќен магнет кон кој неизбежно водат сите политички траектории. Можете да почнете во Русија со сè – од конзерватизам до социјализам и либерализа, но повторно ќе треба да стигнете до истото. Тоа е што е.

Способноста да се чујат и разберат луѓето, да се прогледа низ нив, да се види целосната длабочина и да се делува соодветно – е уникатниот и главен адут на државата на Путин. Адекватна е на луѓето попат и оттаму не е предмет на деструктивни набои од надоаѓачките струи на историјата. Затоа е ефективна и издржлива.

Во новиот систем, сите институции се подредени кон главната задача – доверба во комуникацијата и интеракцијат на врховниот владетел со граѓаните. Главните гранки на моќта коонвергираат кон личноста на лидерот, без да се сметани за вредност самите по себе, туку само до степенот до кој ја овозможуваат конекцијата. Заедно со овие, а околу формалните структури и елитните групи, работат и информативните начини на комуникација. Па кога глупоста, назадноста или кopyпцијата ќе се вмешаат во комуникациските линии со луѓето, енергични мерки се преземаат за да се ревоспостави слушањето.

Мултилевел политичките институции воспоставени на Западот се дизајнирани за што повеќе да личат на сите други, така што разликата во нашата политичка култура да не ги погоди нашите соседи, да не ги иритира и да ги преплаши. Тие се како фустан кој го облекувате кога одите на гости, а само самите вие знаете како сте облечени кога сте дома.

Во суштина, општеството ѝ верува само на една личност, таа на врвот. Дали е прашање на гордост на луѓе кои никогаш не биле потчинети, желба за вистината или нешто друго, тешко е да се каже. Но ова е факт и не е нов факт.

Би било премногу поедноставено да се редуцира темата во озлогласеното ‘доверба во добриот крал’. Најдлабоките луѓе не се наивни и тешко дека добрата природа на лидерот ја сметаат за кралска доблест. Наместо тоа, тие мислат за правилниот владетел како што Ајнштајн вели за Бог: Софистициран, но не со зли намери.

Модерниот модел на руската држава почнува со доверба и се држи до доверба. Тоа е основната разлика од Западниот модел, кој култивира недоверба и критицизам. И во тоа е нејзината сила.

Нашата нова држава во новиот век ќе има долга и славна историја. Нема да се скрши. Ќе се однесува на свој начин, ќе добива и ќе задржува придобивки од големата лига на геополитичката борба. Порано или подоцна, сите што бараат Русија ‘да го смени однесувањето’ ќе мораат тоа да го прифатат. На крајот на краиштата, и онака само навидум имаат избор“, заклучува советникот на Путин.

 

- Реклама -