Шпанец останал без старателство над децата бидејќи премногу пуши цигари

Разведен татко во Шпанија остана без старателство над децата откако судот во Кордоба одлучи дека неговата зависност од цигари е премногу опасна за здравјето на децата.

Парот е разведен од 2017-та, а досега делел заедничко старателство врз децата кои се на возраст од 10 и 13 години. Одлуката на судот следува откако децата се пожалиле дека куќата на татко им во која престојуваат е полна со чад од цигари. Според постарото дете, како што се наведува во пресудата, таткото спиел на душек и со вклучена клима во истата соба во која цел ден се пушело.

„Во ваква ситуација важно е да се избегне здравствениот ризик за малолетните деца, а очигледно е дека таткото на неодговорен начин го загрозува нивното здравје. Тој игнорира сè освен неговата зависност и пушењето го става пред здравјето на децата“, се вели во образложението на одлуката. Не е логично деца да престојуваат на места кои се сметаат за ризични, стои во заклучокот.

Од 2011-та пушењето во Шпанија е забрането во јавните простори, во близина на болниците, училиштата и детските игралишта, како и на аеродромите. Во времето на донесување, законот се сметаше за една од најрестриктивните легислативи против пушењето, но и денес преостануваат проблемите од типот на пушење пред малолетници на приватни локации, како што се возилата и домовите.

- Реклама -