Норвешка ќе ги „сече“ фјордовите со подводен „лебдечки“ тунел: Амбициозен проект вреден 40 милијарди долари (ГАЛЕРИЈА)

Живописни глечери, фјордови и планини – тоа е сликата која меѓу првите паѓа на памет кога се зборува за Шведска и нејзините „драматични“ природни пејзажи.

Од друга страна, ваквиот терен ја прави Норвешка тешка за патување. На пример, на западниот брег на земјата има над 1.000 фјордови, а истовремено таму живее околу една третина од шведската популација од вкупно 5.3 милиони жители. За да ги поминете 1.100-те километри од јужниот град Кристијансанд до Трондхајм на север преку западниот норвешки брег, ќе ви требаат 21 час и 7 патувања со траект.

Норвешката влада, преку амбициозен инфраструктурен проект кој ќе чини 40 милијарди долари, планира да го намали тоа време за половина и целосно да ја исфрли потребата од траекти при рутата. Освен мостови, планот вклучува и најдлабоки и најдолги тунели во карпи, избушени под карпестото дно, на 392 метри под нивото на морето, во должина од 27 километри. Сепак, најамбициозниот дел од проектот ќе бидат подводните „лебдечки“ тунели на околу 30 метри под површината на водата, пренесува CNN.

Норвешката агенција за јавни патишта (NPRA), која е и главниот одговорен за проектот, планира да ја заврши изградбата до 2050-та. Со тоа Норвешка би можела да победи во глобалната трка со земјите со слични проекти, како Кина, Јужна Кореја и Италија.

Но зошто „лебдечки“ подводни тунели?

Рутата Е39 по западниот брег е „клучна за Норвешка“, објаснува Кјерсти Квалхајм Дунам – проект менаџерката на NPRA. Повеќе од 50% од извозните стоки на Норвешка потекнуваат од овој реон, а рутата сепак има низок стандард за европски пат. Згора на тоа, патувањето со траект чини време, објаснува таа. Проектот не само што ќе го подобри транспортот за „комерцијални цели“, туку ќе придонесе и за доброто на локалното жителство.

Проектот подразбира 3 висечки и 5 пловни мостови (структури поддржани од понтони). Сепак, во случаите кога фјордот е подлабок од 1 километар или поширок од 5 километри, овие постоечки инженерски решенија не се од помош – морското дно е предлабоко за под него да се избушат тунели во карпите или за да бидат поставени основи за висечки мостови. Пловните мостови, пак, не се применливи во сите случаи бидејќи се подложни на сурови временски услови и силни бранови и струи.

И токму тука на сцена стапуваат подводните лебдечки тунели.

Анатомија на лебдечки подводен тунел

Идејата не е нова – во 1882 година британскиот поморски архитект Едвард Рид предложил таков да биде изграден под Англискиот канал – идеја што не била одобрена.

Терминот „лебдечки“ не е најсоодветен. Тунелите се всушност фиксирани во својата позиција со помош на кабли прикачени или на морското дно, или на пловни понтони на површината на водата, поставени на доволно растојание за меѓу нив непречено да можат да пловат бродови.

Тунел прикачен на дното.
Тунел прикачен на понтони.

Направени од бетон, ќе служат како обични тунели кои овозможуваат сообраќај од еден фјорд со друг.

Зошто под вода? Брановите и струите на 30 метри под моркската површина се послаби од тие на површината, објаснува Аријана Минорети – главен инженер на NPRA. Дополнително, подводен тунел не го нарушува пејзажот бидејќи инфраструктурата е надвор од видното поле. Уште поважно, подводните тунели создаваат помалку сообраќајна бучава отколку што би создавал мост, на пример. Овие две причини се и те како предност за луѓето што живеат во областа, вели Минорети.

Потенцијални опасности

Најголемите потенцијални ризици во проектот се експлозиите, пожарите и преоптовареноста, вели Минорети, затоа е потребно темелно тестирање.

Затоа NPRA работи заедно со Центарот за надпредна структурна анализа при Норвешкиот универзитет за наука и технологија (CASA). Тестирањето ќе се прави со планирани детонации на експлозиви, со цел да се истражи како цевчестите бетонски структури ќе се однесуваат под вода при внатрешни експлозии, објаснува Мартин Кристоферсен, истражувач од CASA. Тоа ќе му помогне на тимот да разбере што ќе се случи во тунелската структура ако, на пример, експлодира камион што носи опасен товар.

Досегашните тестирања, меѓутоа, се ветувачки. Резултатите сугерираат дека постојаниот притисок од водата околу тунелот ја намалува штетата од евентуални експлозии.

- Реклама -