Балирајте виртуелно сено и освојте до 250.000 евра (ВИДЕО)

Во последнава декада одредени жанрови на видео игри доживуваат огромен подем и популарност, а еден од тие дефинитивно се симулаторите. Последниве години излегоа симулатори на сé и сешто, дури и на досадни обврски од секојдневието од кои на луѓето во реалноста им е преку глава. На дел од нив оправдано се гледаше со потценување, како на пример на „Комуналец симулатор“, што би се рекло по нашки, во кој возите метларка и… метете улици. Но има и такви што освоија своја публика и свои закоравени фанови. За издвојување се Euro Truck Simulator 2 – во која сте камионџија и влечете приколки од еден град во друг, но и франшизата Farming Simulator – во која правите сé што се прави на една фарма, од обработка на почва, па до одгледување домашни животни.

Е па токму GIANTS Software – компанијата зад земјоделскиов симулатор, најави дека од годинава почнува да организира е-спорт шампионат со награден фонд од над 250.000 евра (285.000 долари). Шампионатот ќевклучува 10 турнири ширум Европа, а ќе се игра најновото издание – Farming Simulator 19. Турнирите ќе се одржуваат на настани како Gamescom и Paris Games Week, додека финалето ќе се одржи на FarmCon2020.

Ќе се игра во компетитивна конкуренција „три на три“, а еден од предизвиците ќе биде балирање сено. Од соопштението:

„Играта, секако, ќе остане блиска до своите корени во фармерството и ќе комбинира вистинска работа во поле, како жнеење жито, со забава и предизвикувачки елементи од самата игра“.

Гејминг сајтот Kotaku фино има опишано во што се состои привлечноста на Farming Simulator и нему сличните:

„Можеби звучи едноставно, но привлечноста на Farming Simulator е во вниманието посветено на деталите и имитањето на околностите од реалниот живот. Возењето на возилата во симулаторот не е како во Grand Theft Auto, туку послично на контролирањето на вистинските возила на фармата. Затоа многу фанови на Farming Simulator преферираат да играат со волани и контролни табли приклучени на нивните компјутери“.

И ете, некој среќлија ќе освои накај 250.000 евра само затоа што е одличен фармер, а без воопшто некогаш да стапне на фарма. Што и не звучи така лошо.

- Реклама -