Трендот продолжува: 26-те најбогати имаат колку 3.8-те милијарди најсиромашни

Овогодинешниот извештај на добротворната организација Oxfam покажува дека трендот продолжува – богатите стануваат сé побогати, а сиромашните – сé посиромашни. Според податоците објавени непосредно пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос, минатата година 26-те најбогати луѓе во светот имале пари/богатство колку сите 3.8 милијарди луѓе од посиромашната половина на светот – заедно.

Дека трендот продолжува се гледа од споредбата со податоците од минатите години; во 2016-та вкупно 61 милијардер имале колку посиромашната половина од светот, додека во 2017-та тој број е намален на 43 луѓе. Со други зборови, секоја година богатството продолжува да се концентрира во сé помал број раце.

Според податоците за 2018-та, во светот имало 2.208 милијардери, а нивното богатство е зголемено за 12%, т.е. за 900 милијарди долари. Во превод, овие 2.208 милијардери заедно дневно заработувале по речиси 2.5 милијарди долари. Истовремено, 3.8 милијарди луѓе на планетава минатата година осиромашиле за 11%.

Анализата на Oxfam покажува и дека во претходните 10 години, по големата светска економска криза, бројот на милијардери е речиси дуплиран. Неверојатен податок е што од 2017-та до 2018 година, светот секој втор ден добивал по еден нов милијардер.

Во извештајот уште еднаш се потсетува на повикот на францускиот економист Thomas Piketty, кој главно се бави со светската дистрибуција на богатството и нееднаквоста во приходите. Според него, неопходно е да се воведе глобален данок за најбогатите луѓе во светот. Според неговите пресметки, кога најбогатите би плаќале годишен данок од само 1%, би се обезбедувале околу 418 милијарди долари годишно – што би било доволно за секое дете на светов да заврши основно училиште, што во моментов не е возможно поради сиромаштијата. Истовремено, со тие пари би се обезбедила и здравствена заштита со која би се поштедиле околу 3 милиони детски животи, годишно.

- Реклама -